Македонска пошта ќе остане монопол барем до 2017 година | Правдико

Правдико

   

Македонска пошта ќе остане монопол барем до 2017 година

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

postaДржавната „Македонска пошта“ и во следните три години ќе има ексклузивно право да доставува писма до 50 грама низ земјава и во странство, во кои најчесто спаѓаат писма, честитки и сметки. Владата предложи измени во Законот за поштенските услуги со кои ја одложува целосната либерализација на поштенскиот пазар во земјава за 2017 година. Дотогаш приватните компании од оваа дејност нема да смеат да вршат достава на писма, туку само на пратки потешки од 50 грама.

Според досегашниот закон, „Македонска пошта“ требаше да го изгуби ексклузивното право на достава на мали пратки на 1 јануари 2015 година. Но, со предложените измени, овој рок се продолжува за уште две години. Измените во регулативата веќе се во собраниска процедура и се очекува наскоро да бидат донесени.

Ова е второ одложување на рокот за либерализација на поштенскиот пазар, кое првично требаше да се случи во почетокот на 2012 година. Но, Владата тогаш реши да го продолжи до 2015 година. Од Министерството за транспорт и врски, кое е предлагач на законот, објаснуваат дека рокот се продолжува по барање на АД „Македонска пошта“, во кое Владата е акционер.

Kомпаниите што се занимаваат со достава на пратки се разочарани од владината одлука. Иако не сакаат да зборуваат јавно, коментираат дека државата повторно ги става во подредена положба во однос на „Македонска пошта“.

– Иако ги исполнуваме сите услови за достава на сите видови пратки, оневозможени сме да го правиме тоа поради фаворизирањето на „Македонска пошта“. Има многу компании, особено тие што се даватели на услуги, кои не сакаат „Пошта“ да ги доставува нивните сметки и ги бараат нашите услуги. Но, ние сме ограничени во тој поглед. Државата треба да го либерализира пазарот, па тој што нуди поквалитетни услуги нека излезе во преден план – велат приватните поштенски оператори.

И Агенцијата за пошти не се согласува со предложените измени и тоа го истакнала во своето мислење испратено до Владата. Надлежните од Агенцијата сметаат дека продолжувањето на рокот за либерализација на поштенскиот пазар нема да донесе ништо позитивно во работењето на „Македонска пошта“, туку само ќе ги оштети граѓаните. Во мислењето испратено до Владата, директорот на Агенцијата, Влатко Атанасоски, оценува дека изминатите 12 години „Македонска пошта“ не успева да го искористи поштенскиот монопол со ,,резервираната услуга“ за да обезбеди одржлива стабилност.

Со оглед на тоа дека „Македонска пошта“ досега не ги искористи придобивките од монополот, Агенцијата смета дека продолжувањето на рокот не значи оти и во следните години компанијата ќе го смени својот настап на пазарот и ќе успее да ја искористи предноста. Дополнително, не се знае каков ефект ќе има одложувањето на либерализацијата врз потенцијалните купувачи на „Македонска пошта“, која Владата планира да ја приватизира. Но, се знае дека ќе има негативно влијание врз граѓаните, кои и понатаму ќе треба да ги користат монополските услуги на Пошта во овој дел од дејноста.

– Укинувањето на резервираната област ќе значи поголема конкуренција и поквалитетни поштенски услуги, што е една од основните цели на постоењето на поштенската легислатива – сметаат во Агенцијата за пошти.

МЕНАЏЕРИТЕ НЕ ЈА ИСКОРИСТИЈА ПАЗАРНАТА ДОМИНАЦИЈА

– Највпечатлива е праксата на „Македонска пошта“ во вакви поволни услови на загарантиран ценовен монопол за писмата до 50 грама да дава попусти и други ценовни погодности за големи корисници. Обемот на овие писма е околу 70 отсто од сета поштенска дејност на „Македонска пошта“ и не постои разумно економско објаснување за ваквото неразбирање на сопствената пазарна доминација со години, во повеќе менаџерски гарнитури на компанијата – пишува во мислењето на Агенцијата за пошти.

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико