Малта ќе ја ограничи продажбата на државјанства | Правдико

Правдико

   

Малта ќе ја ограничи продажбата на државјанства

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Властите во островската земја ги прифатија забелешките од ЕУ и одлучија делумно да го ограничат продавањето државјанства на странци. Во иднина ќе се бара минимум една година престој во земјата.

PassportСекој кој сака да купи европски пасош од Малта ќе мора на овој остров да живее една година, се договорија вчера (29.01) Европската комисија и Малта, со што се ограничува спорниот план на оваа членка на ЕУ да продава европско државјанство за 650.000 евра.

Малта и Комисијата се договорија дека подносителите на барање за државјанство пред можноста за стекнување на статусот државјанин мораат да имаат минимум престој на островот. Малтешкиот Парламент во декември минатата година го одобри продавањето државјанства за 650.000 евра на државјани на трети земји. Премиерот Џозеф Мускат процени дека со оваа мерка во првата година може да се соберат 30 милиони евра, што значи дека државјанства би купиле околу 45 лица кои би добиле право на работа и престој во цела Европската унија.

Одлуката беше критикувана од пратениците во Европскиот парламент, кои пред две недели за тоа прашање усвоија незадолжителна резолуција. Не споменувајќи ја Малта, европратениците во резолуцијата истакнаа дека државјанството не смее да се третира како нешто со што може да се тргува. Малта планираше на подносителите на барање да им доделува државјанство по само шест месеци, без да живеат во оваа земја или имаат какви било врски со неа, што лани ја налути Европската комисија.

На овој план силно се спротивстави и опозициската Националистичка партија. Опозицискиот лидер Симон Бусутил во Парламентот предупреди дека Малта може да стане како карипските даночни оази. Малта е единствената земја членка што се одлучи на директна продажба на државјанства, но слични мерки имаат уште некои членки. На пример, Велика Британија дава дозвола за престој на оние кои во земјата ќе инвестираат повеќе од милион фунти, а Шпанија на оние кои ќе купат недвижнина за износ поголем од 180.000 евра.

Извор: DW

Препорачуваме

Партнери на Правдико