Правдико

   

Малцинствата во Албанија се противат на територијалната поделба

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Албанското граѓанско општество ги повика властите да ги смират тензиите и да ги заштитат малцинствата од дискриминација и потенцијално насилство како резултат на одлуката за намалување на бројот на постојните општини и создавање нова територијална администрација.

albania-flag

Владата ги намали единиците на локалната власт од 384 на 65, со што всушност се создадоа општини со целосно албанско мнозинство.

Претставниците на грчкото, македонското и другите малцинства велат дека овој потег на владата претставува кршење на нивните права и меѓународните норми.

„Територијалната реформа е спротивна на духот на Конвенцијата за заштита на националните малцинства и претставува флагрантно кршење на прифатените европски стандарди“, рече заSETimes Вангел Дуле, водач на Партијата за заштита на човековите права во Тирана.

Новата територијална поделба создава опасни услови кои може да резултираат со социјални конфликти и етнички судири, рече Ставри Марко, претставник на Комунитети Химарјот во некогашната општина со грчко мнозинство Химара.

„Тоа му штети на буџетот и имотот на општина Химара“, рече Марко за SETimes.

Претставниците на малцинствата велат дека со овој потег се крши уставот, бидејќи јавните училишта на малцинските јазици ќе бидат затворени и тие ќе ги изгубат и другите основни права, па дури и правото на самоидентификување.

„Тоа се права загарантирани со уставот и мора да се применуваат“, рече Марко.

Малцинствата велат дека нивното мислење не било земено предвид ниту на состаноците со премиерот Еди Рама, ниту во парламентот.

„Ова е прашање кое ѝ припаѓа на заедницата. Луѓето мора да одлучуваат сами, тие го знаат подобро балансот на соживотот“, рече за SETimes Енио Теодори, студент по право во Тирана од селото Дропул.

Македонското малцинство побара да биде претставено во три општини, но новата територијална организација две – Голо Брдо и Гора – се припоени кон третата општина Пустец.

„Волјата на македонската заедница во Албанија не се почитуваше. Ние, Македонците, сме концентрирани во три области, но нашите барања беа само делумно земени предвид“, рече заSETimes Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец.

Официјалните претставници велат дека новата територијална организација ќе биде применета на локалните избори во Албанија во јуни.

Но, претставниците на граѓанското општество велат дека новата општинска карта треба да се ревидира за да се земе предвид мислењето на малцинствата и потоа да се одобри повторно од страна на парламентот.

Здружението на општини во Албанија поднесе барање до Централната изборна комисија (ЦИК) за распишување референдум за поништување на новата реорганизација.

„Веќе ги имаме потребните потписи, ќе ги доставиме до Централната изборна комисија и се надеваме дека ќе почнеме што е можно поскоро“, рече за SETimes Васфи Апостоли од партијата Македонска алијанса за европска интеграција.

Потребно е да се соберат по 20.000 потписи од општина за да се распише референдум.

Албанското законодавство предвидува дека референдум не смее да се одржи три месеци пред или по избори. Локалните избори се закажани за 21-ви јуни и сите процедури поврзани со референдумот мора да завршат во март.

Но, потребни се пет гласови во ЦИК за референдумот да биде одобрен. ЦИК долго време работи со четири члена, бидејќи другите тројца поднесоа оставка.

„Територијалната реформа се спроведе за кратко време. Тоа сигурно им наштети на етничките малцинства. Има малцински региони, поделени на различни локални единици. Тоа создава проблеми со одржувањето на јазикот и обичаите, како и публикациите и радио-телевизијата за која имаат свои сопствени права“, рече за SETimes Фатос Баџаку, аналитичар во Шкип во Тирана.

Баџаку рече дека прашањето треба да се реши брзо, бидејќи ги подгрева локалните тензии, но и за да се осигури стабилноста во регионот.

Владата останува на ставот дека со новата територијална карта, не ги повредува етничките малцинства, туку напротив, ги фаворизира.

„Територијалната поделба ги почитува малцинските права со толеранција во однос на општите критериуми. Кога ја изготвувавме новата територијална карта, поставивме одреден број посебни критериуми токму во полза на малцинствата, а не за кршење на етничките пропорции“, рече министерот за локални прашања, Бледи Чучи.

Етничките тензии пораснаа минатиот месец кога УХРП побара од парламентот грчкото малцинство да добие свој претставник во националниот совет за јавната радио-телевизија, но парламентот одби.

Албанските малцинства не ги признаваат резултатите од пописот во 2011 година, бидејќи пописните формулари не вклучуваа графа за етничката припадност, туку им даваа на граѓаните можност да одбележат „друго“. Застапниците на малцинствата велат дека со процедурата значително се намали бројот на малцинските граѓани.

„Територијалните прашања се секогаш чувствителна тема. Тие мора да се проучат длабински и не можат да се остават во рацете на парламентарните мнозинства, секогаш кога тие ќе се променат“, рече Хасан Целибаши, експерт во Центарот за безбедност и посветеност во Тирана.

„Територијалната поделба е нешто што излегува од рамките на политичките сили и влијае не само на политичките партии, туку и на целото население. Владите доаѓаат и заминуваат и административните поделби не можат да се менуваат од каприц. Тие треба да дејствуваат внимателно, бидејќи тоа може да предизвика насилство, социјални судири и етнички конфликти во малцинските региони. Во тие зони ситуацијата е кревка и новите административни карти можат само да долеат масло на огнот“, рече Целибаши заSETimes.

Извор: SETimes

Партнери на Правдико