Манчевски: Со новиот закон се гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции | Правдико

Правдико

   

Манчевски: Со новиот закон се гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со законот за висока раководна служба, кој беше усвоен на владина седница, се гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

„Досега не постоеше единствен закон во кој се уредени правилата за именување, односно назначување на висока раководна служба. За секретарите имаше регулација во Законот за административните службеници, а за директорите во 123 посебни закони. Овие закони беа нецелосни, односно не содржеа одредби за постапката за отворен и фер натпревар, за селекција ниту, пак, критериуми за избор на најкомпетентен кандидат за раководна позиција, со што беа доведени во прашање начелата на заслуги и родова рамноправност. Од тука, во законот е предвидено дека ако има кандидати со ист број бодови, предност ќе има кандидатката. На овој начин се обидуваме да го зголемиме бројот на жени на раководни позиции во државата“, информира министерот Манчевски.

Тој појасни дека со законот се формира комисија со статус на самостоен државен орган, составена од пет члена со мандат од пет години. Изборот на членовите на комисијата ќе биде инклузивен, отворен и јавен, а ќе го прави комитет, составен од единаесет члена. Комитетот ќе организира јавно претставување на квалификуваните кандидати за членови на комисијата, кое ќе се снима и емитува на собраниски канал.

Како што посочи министерот Манчевски, за секоја поединечна селекција за високо раководно место ќе се формира посебен одбор, кој го сочинуваат претседател и четири члена, од кои: претседателот и еден член од редот на членовите на комисијата за ВРС; еден член, кој е стручно лице во областа на надлежност на институцијата; еден член од базата на стручни лица за управување со човечки ресурси и еден член од базата на раководители.

Постапката за избор на високи раководители се состои од три задолжителни фази: административна селекција, тестирање и структуирано интервју. По завршувањето на интервјуто, одборот подготвува конечна листа со најмногу тројца најуспешни кандидати, поединечно мислење за секој кандидат и извештај за спроведената постапка на селекција.

Дополнително, првпат со овој закон се предвидува дисциплинска одговорност за лицата на раководни позиции.

Законот нема да се применува во: судството, Јавното обвинителство, институциите од областа на безбедноста, следењето на комуникациите, разузнавањето, одбраната и Армијата на Република Северна Македонија, дипломатско-конзуларните претставништва, општините, Град Скопје или општините во град Скопје и од нив основаните јавни претпријатија, јавните установи и регулаторните тела.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико