Правдико

   

Маричиќ: Модел за прочистување на правосудството во првите 100 дена

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Денеска во просториите на Министерството за правда се изврши официјалното примопредавање на функцијата министер за правда. Новоименуваниот министер за правда, Бојан Маричиќ, денеска ја презеде должноста од досегашната министерка Рената Дескоска.

Честитајќи му ја функцијата министер за правда, досегашната министерка Дескоска истакна дека очекува, се надева и верува дека по завршувањето на мандатот на Маричиќ, ќе бидеме многу поблиску до Европската Унијата отколку што сме денеска. Дескоска се заблагодари и на медиумите за досегашната соработка и истакна дека токму нивната поддршка често пати ѝ претставувала голема помош во преговорите за многу значајни прашања.

„За мене е голема чест и одговорност што сум дел од оваа Влада во оваа важна функција – министер за правда. Има голема жед за правда во општеството, ефикасно постапување на обвинителството и судството и за правна разрешница на голем број случаи“, истакна во своето прво обраќање новоименуваниот министер за правда Бојан Маричиќ, кој се заблагодари за огромниот придонес на досегашната министерка Дескоска.

Во овој мандат, министерот Маричиќ најави крупни реформски потфати и најави дека во првите сто дена од својот мандат, во соработка со нашите европски партнери и сите засегнати страни ќе биде утврден моделот со кој ќе се обезбеди ефикасно и објективно прочистување и деполитизација на судството и обвинителството.

Во поглед на правосудството, министерот најави и ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција како гаранција за фер и непристрасно судење и ефикасен судски процес, како и законски обврски со кои Јавното обвинителство ќе биде должно редовно, континуирано и јавно да информира за напредокот по предметите што ги следат граѓаните.

Исто така, новоименуваниот министер најави и финансиска поддршка за зголемување на бројот на стручни соработници за секој судија и јавен обвинител и ефикасна и ефективна судска и јавно-обвинителска администрација, намалување на судската такса, како и надоградба на АКМИС-системот каде што комуникацијата со сите странки ќе се одвива и електронски со што ќе се олесни пристапот до судската власт.

Најавен е и Закон за управување со движењето на предметите во Јавното обвинителство, со што распределбата на предметите во обвинителството ќе биде по случаен избор, но и воведување нов модел со кој ќе се спречат злоупотребите на системот на судии поротници и обезбедување нсигурен систем на електронски алки за лица во куќен притвор и оние со изречена казна куќен затвор.

Едно од најглавните ветувања на новиот министер за правда Маричиќ е успешен почеток и спроведување на преговорите за членство со ЕУ во однос на поглавјето 23 – Судство и темелни права и во делот на поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност.

„Сигурен сум дека е време за одлучни чекори, за деполитизација и прочистување на правосудството, време е за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Својата улога како министер за правда ја сфаќам да ја зајакнам вербата на граѓаните во системот и верувам дека со напорна работа и верно служење на граѓаните тоа ќе го постигнеме“, потенцираше новиот министер за правда.

Министерот Маричиќ досега беше национален координатор за европски интеграции во Владата. По вокација е правник и има две магистратури – меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам,- Холандија, во 2009 година, и магистер по современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Велика Британија, во 2011 година.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико