Марихуаната ги подели експертите во Македонија | Правдико

Правдико

   

Марихуаната ги подели експертите во Македонија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

marihuanaДали марихуаната да им се препишува и на тешко болните од рак, но и на оние со други заболувања, како мултиплекс склероза, Алцхајмер, е прашање што ги подели стручњаците во земјата. Додека од Националната комисија за борба против дроги и од Бирото за лекови се категорично против легализација на марихуаната во медицински цели, дел од онколозите го одобруваат користењето на оваа супстанција која, според нив, има антитуморско дејство, ја намалува болката и го зголемува аптетитот. 

Дебатата за ова чувствително прашање се отвори по најавите дека во Србија марихуаната можеби ќе се легализира само за медицински цели, што секако не значи и легализација на оваа дрога. А токму тоа претходно веќе го направи Чешка, но иако таму уште пред 11 месеци беше најавено дека дел од болните ќе може и на електронски рецепт во аптека да ја земат марихуаната, тоа практично с` уште не им е овозможено.

Марихуана да, но само за медицински цели 

Според агенцијата Танјуг, министерката за здравство на Србија, Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, завчера изјавила дека легализација на марихуаната во медицински цели не значи и легализација на оваа дрога, туку можност стручњаците со издржани методи да определат дали таа во некои околности и кај одредени пациенти може да има својство на лек.

– Секоја супстанција може да биде и лек и отров. Стручњаците врз база на прецизни методи утврдуваат што е лек, во која доза може да се даде на пациентот и на кого смее да се даде. Не станува збор за легализација на дрогата, туку стручњаците да проценат дали марихуаната во некои околности, кај некои лица може да има својство на лек, но никако за лица кај кои би се развивала зависност – изјавила Дејановиќ.

На прашањето дали би се согласиле марихуаната и кај нас во земјата да почне да се употребува за медицински цели, од Националната комисија за борба против дроги се категорични:

– Мојот став е јасен за сите дроги, особено за марихуаната. Сите што станале најтешки зависници од дроги почнале со марихуана, чие користење не е воопшто безопасно. Таа содржи над 200 активни компоненти, а само една од нив – тетрахидроканабинолот (ТХЦ) е психоактивна супстанција која во централниот нервен систем создава такви тешки физиолошки промени што доведуваат до затапеност, намалување на интелигенцијата и силна психичка желба повторно да се земе марихуана. Со текот на времето, кај зависникот се јавува желба за ново, најчесто интравенозно земање други супстанции, најчесто хероин. Значи, токму марихуаната е влезот во мрачниот тунел во кој нема светлина и од каде што најчесто нема враќање – вели Илчо Захариев, претседател на оваа национална комисија.

Тој додава дека за малигно болните кои се во терминална фаза на болеста има доволно добри аналгетици на располагање.

– За ублажување на болките може да се користат разни лекови – од „аналгин“, „бруфен“, „тродон“, но и метадон и инјекции со морфиум. Оттаму не ја гледам логиката за користење на канабисот за медицински цели, зашто знаете ли кој би бил ефектот – создавање блага еуфорија и подобро расположение кај пациентот за да не мисли на болеста. Додека користењето на марихуаната за овие цели не би влијаело и на намалување на болките зашто ТХЦ не е аналгетик – нагласува Захариев.

Онколозите се „за“ 

За разлика од него, д-р Милан Ристевски, директорот на Kлиниката за радиотерапија и онкологија, вели дека е апсолутно „за“ користење на марихуаната за медицински цели.

– Јас се согласувам со тој став, за што сведочи и релевантна поголема студија на Универзитетот „Харвард“, а тоа се две сосема различни работи – легализација на дрогата за медицински цели и легализација на дрогата. Kако што има и најмоќни антиепилептици кои се продаваат, а кои содржат токму екстракт од канабис, кој се користи во медицината и тоа некогаш каде што ниеден друг лек не помага. Секако, тој екстракт од канабис би требало да е стандардизиран, во капки или слично, а би се користел за да им се намалат болките, но не само кај болните од рак , туку и кај други заболувања. Супстанциите од канабисот имаат и антитуморско дејство и пронајден е механизмот како тие влијаат во организмот, а освен тоа, имаат и аналгетско дејство – ја намалуваат болката, а го зголемуваат апетитот. Но, секако, треба да се изготват клинички студии за да се дефинираат дозите и кои болни може да ги користат – категоричен е д-р Ристевски.

Тој потврдува дека само за намалување на болката кај болните од рак, но и кај пациентите со Алцхајмер, глауком, епилепсија, сега се употребуваат метадон, хептанон, а дека морфиумот не се користи.

БИРО ЗА ЛЕКОВИ: ЗАКОНОТ ЈА ЗАБРАНУВА И УПОТРЕБАТА НА КАНАБИСОТ

– Растението канабис, независно од вариететот, неговата смола, цвет, екстракт, тинктура е во прва категорија на контролирани супстанции (според евидентираната штетност врз здравјето на луѓето), во согласност со конвенциите на ОН за контрола на дрога од 1961 и 1972 година. Оваа класификација се однесува на сите земји-членки на ООН. Оттаму, во согласност со член 24 од Законот за контролата на опојните дроги и психотропни супстанции на РМ се забранува одгледување, производство, промет, поседување и употреба на супстанции и растенија класифицирани во листа 1 и нивни препарати освен за медицински или за научни истражувања или за судско-медицински, наставни или полициски намени како што е утврдено со Законот – нагласуваат од Бирото.

МАРИХУАНАТА СЕ УШТЕ НЕ Е „НА РЕЦЕПТ“ ВО ЧЕШКИТЕ АПТЕКИ

Иако марихуаната во Чешка е легална за лекување веќе 11 месеци, таа с` уште не може да се набави во ниедна аптека, па Сојузот на пациентите побара надлежните да ја решат ситуацијата дали марихуана или канабис сатива, индиски коноп чии лисја и цветни делови во медицински цели може да се употребуваат кај болните од рак, мултиплекс склероза, ХИВ/СИДА и некои кожни болести.

– Ситуацијата е непроменета. Државниот завод за контрола на лекови бара увозници и с` уште нема доставено ништо во аптеките, а како се чини тоа нема да се случи во догледно време – вели за неделникот „Тиден“ претседателот на Чешката лекарска комора Лубомир Худоба.

Извор: Дневник

Партнери на Правдико