Како би изгледала медијацијата според новиот ЗКП | Правдико

Правдико

   

Како би изгледала медијацијата според новиот ЗКП

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

mediation1Според одребите на овој закон надлежниот судија поединец на рочиштето за мирење од причини на целесообразност може да даде предлог до страните за давање согласност за упатување на медијација. Согласноста може да се даде на записник пред судијата поединец или во писмена форма, заеднички или секоја страна посебно. Согласноста се дава најдоцна во рок од три дена од денот кога е предложено упатување на медијација. По дадената согласност од страните судијата-поединец носи решение за упатување на страните на медијација.Доколку во определениот рок страните не дадат согласност, судијата-поединец носи решение дека предлогот за упатување на медијација не е прифатен и закажува главна расправа според одредбите за скратената постапка. Во рок од три дена од дадената согласност, страните спогодбено определуваат еден или повеќе медијатори од Именикот на медијатори и за тоа го известуваат судијата-поединец.
Учесници во медијација се осомничениот, неговиот бранител и оштетениот и неговиот полномошник.
Постапката за медијација може да трае најдолго до 45 дена од денот на дадената согласност од страните до надлежниот судија-поединец. Тоа е во согласност со начелото на ефикасност, бидејќи токму законските рокови, покрај остварувањата на другите начела ја прават медијацијата ефикасна наспроти долгите судски постапки поради кои се упатуваат критиките за неефикасноста на судскиот систем. Постапката за медијација до потпишување писмена спогодба, медијаторот ја спроведува согласно одредбите на Законот за медијација. Медијаторот во договор со страните ќе ги определи термините за водење на медијацијата. Пред почетокот на постапката за медијација, медијаторот е должен да ги запознае страните со принципите, правилата и трошоците на постапката. При самата медијација медијаторот комуницира со страните заедно или одвоено. Согласно начелата на партиципативност и интерактивност – присуството на страните во текот на постапката за медијација е задолжително.

Траењето на постапката е исто така од голема важност, особено заради економичност на истата. Постапката мора да заврши во рок од 45 дена. Постојат повеќе начини за завршување на истата. Така на пример, еден од начините на завршување на постапката за медијација е потпишување писмена спогодба што е случај кога двете странки ќе успеат да се договорат за заедничко решение. Ова е најоптимален начин за завршување на спорот. Но тоа не е секогаш случај. Доколку постапката за медијација не заврши со потпишување писмена спогодба, тогаш нејзиниот крај е означен со:

  •  писмена изјава на медијаторот, по извршените консултации со странките дека не се оправдани натамошни обиди за медијација, на денот на поднесувањето на изјавата;
  • истекот на рокот од 45 дена, констатиран со известување од страна на медијаторот;
  • повлекување на страните во кое било време од постапката за медијација без притоа да ги наведат причините за тоа. Повлекувањето ќе се смета од денот на поднесување на изјавата за повлекување, и
  • решение кога медијаторот ќе ја запре постапката за медијација доколку смета дека е постигната спогодба што е незаконска или неподобна за извршување.99

Без разлика на начинот на кој ќе заврши самата постапка (Писмената изјава, известувањето или решението донесено од страна на медијаторот односно изјавата за повлекување на странките), истиот мора без одлагање, во рок од три работни дена по завршувањето на постапката,100 да се достави до судијата-поединец кој закажува главна расправа според одредбите за скратената постапка.

Ако постапката за медијација заврши со потпишување писмена спогодба на медијаторот и страните, спогодбата мора да ги содржи најмалку следниве елементи:

  • податоци за осомничениот односно обвинетиот и неговиот бранител;
  • податоци за оштетениот односно за приватниот тужител
  • опис на настанот и правната квалификација на делото;
  • денот кога започнала постапката за медијација;
  • податоци за вкупниот број средби одржани со странките, заедно или одвоено;
  • предмет на спогодбата –надомест на штета, извршување определени обврски од страна на сторителот, односно обвинетиот во полза на оштетениот, извинување од сторителот, односно обвинетиот до оштетениот, враќање на предмети или друг основ за кој страните постигнале спогодба;
  • рок за исполнување на обврските кој не може да биде подолг од три месеци;
  • одлука за надомест на трошоците од постапката;
  • датум на составување на писмената спогодба;
  • потпис од страните во медијацијата, и
  • заверка на спогодбата од страна на медијаторот со потпис и штембил издаден од Комората на медијаторите.

Откако ќе се потпише писмена спогодба без одлагање, во рок од три работни дена од завршувањето на постапката, истата се доставува до надлежниот суд. До истекот на рокот за исполнување на обврските, осомничениот е должен да приложи доказ за исполнетост на обврските и за надомест на трошоците на постапката кај надлежниот судија-поединец. По прием на доказите и потврда за надомест на трошоците на постапката, судијата-поединец носи решение за запирање на постапката. Решението се доставува до осомничениот и до оштетениот. Во случаите кога по истек на рокот за исполнување на обврските осомничениот не приложи докази дека ги исполнил обврските определени со писмената спогодба, судијата поединец закажува главна расправа според одредбите за скратената постапка.

Партнери на Правдико