Правдико

   

Медијациска клаузула како правна заштита во договорните односи

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Автор на текстот :
Медијатор Роза Алексова
rozaaleksova@yahoo.com

При склучување на разни договори во правниот промет  договорните страни  во делот на одредбите за правна заштита меѓу другото се договараат и како ќе постапат односно како ќе ги решаваат евентуално настанатите спорови поврзани со конкретниот договор.

Во праксата се среќаваат договори во кои во одредбите  за правна заштита се наведува дека во случај на спор, страните се договориле спорот да го решат пред стварно и месно надлежен суд, или на на мирен начин, спогодбено, или со арбитража, или со медијација и сл.

Најчести се случаите во кои страните во договорите предвидуваат решавањето на споровите да им го доверат на  судовите.

Сепак, не ретко се случува во договорите да се предвиди како правна заштита и алтернативно решавање спорови. Доколку се предвиди решавање на споровите вон судска постапка, договорните страни мора точно да го наведат методот на алтернативно решавање со оглед дека постојат повеќе вакви начини за решавање на споровите. На пример,како методи за алтернативно решавање спорови се сметаат : медијација, арбитража, преговарање, рана стручна евалуација, помирување, мед – арб, обврзувачки совет /binding advice/ и сл.

Зошто е добро при склучување договор, во одредбата за  правна заштита да се предвиди дека во случај на спор, истиот ќе се реши со преговарање помеѓу договорните страни во присуство на трето лице од доверба – медијатор?  Или во кратка верзија, зошто е добро како правна заштита во договорите да се предвиди медијациска клаузула ?

Договорите се склучуваат како потврда за остварување на заемен интерес на договорните страни. Крајната цел е целосна реализација на договореното и остварување на заемниот интерес. Сепак, се случува и да не дојде до тоа. Така, при реализацијата на правата и обврските, за некоја од страните може да се појави пречка, проблем, изменети околности  или да  настане состојба на неможност да се  исполни конкретна обврска, или пак обврската  неможе да се  исполни во рок кој е договорен со другата договорна страна.

Ако е важно да се задржи деловниот партнер, ако е добро да се зачува брендот, интегритетот на личноста или ако е важно да опстане договорот и понатаму и покрај појавените проблеми за негова реализација, тогаш е подобро за овие вредности, уште при склучувањето  договорот да се обезбеди заштита со медијациска клаузула.

Решавањето на евентуален спор со медијација обезбедува брзо ефикасно и економично решавање на спорот, во доверлива постапка и постапка во која јавноста е исклучена целосно.

Со употреба на медијациска клаузула, стартно договорните страни го започнуваат договорниот однос со зголемен степен на меѓусебна доверба. Имено, уште при воспоставувањето на договорниот однос, страните  се откажуваат од инволвирањето на судот како институција која на традиционален  начин ги решава споровите на начин штто една страна би била победник а друга страна би била  победена.

Предвидување на медијациска клаузула како правна заштита, превенира  предизвикување  високи судски трошоци и водење долги судски постапки бидејќи уште при подготовката и пишувањето на текстот на договорот во делот на одредбите за правна заштита страните јасно стават на знаење дека постигнале согласност во случај на спор, истиот да го  решат со медијација.

Примена на медијација а не суд, им овозможува на договорните страни да постигнат заемно прифатливо и конструктивно решение на спорот подобрувајќи ја притоа и нивната  меѓусебна комуникација доколку  е прекината или намалена поради спорот и обновувајќи  ги нивните нарушени деловни, роднински, соседски или колегијални меѓусебни односи.

Медијациска клаузула во договорните односи, обезбедува примена на  алтернативен начин на решавање на конкретен спор во постапка на преговарање која ја спроведува  лиценциран медијатор кој страните имаат право замите да го изберат  од редот на лиценцираните медијатори запишани во Именикот на медијатори што  го уредува и ажурира Комората на медијатори.

www.kmrm.org.mk

Во ваков случај,  судот би бил стварно ненадлежен да постапува по тужба за истата правна работа меѓу истите субјекти како странки доколку претходно не се направи обид за решавање на спорот во постапка на медијација.

Секој од наведените лиценцирани медијатори во Именикот на медијатори, има надлежност да  постапува на целата територија на државата, така што воопшто не претставува проблем каде живее или работи  медијаторот  на кого ќе му се довери посредувањето во решавање на спорен однос. Страните слободно може да се насочат и сконцентрираат на изборот на медијатор единствено според нивниот критериум на личност од доверба  за да ги води и насочува низ постапката односно личност  кому ќе му веруваат дека ќе обезбеди стручно и професионално спроведување на медијацијата, со примена на принципите на кои се темели оваа неформална и едноставна постапка.

Именикот на медијатори е објавн и на интернет страната на Министерството за Правда и на интернет страните и огласните табли на судовите во државата

Решавањето на споровите настанати од договорни односи со посредство на медијатор, со медијација, обезбедува  правна заштита за договорните страни според  нивните интереси,  без било кој од инволвираните  во спорот  да се почувствува поразено.  Ова особено ако се работи за договорен однос кој има значење за идна професионална соработка,  за подобрување и одржување на блиски роднински или добри пријателски и фер колегијални односи, обновување добрососедски односи итн. кои е подобро да опстојат да се  поправат или подобрат отколку да се раскинат засекогаш.

Доколку во договор се предвиди дека евентуален спор ќе се решава со медијација, спорот кој би настанал нема да го решава судија за чиј избор страните немаат влијание, туку истиот ќе се решава во постапка на медијација брзо, ефикасно и доверливо, во одвоени или заеднички средби на преговарање на страните со медијаторот (лицето од доверба) според  нивниот пред се личен, а потоа и заемен интерес кое би било  најдобро,решение на спорот

Договорната одредба за правна заштита со медијација –  медијациската клаузула, правилно треба да гласи :

,,Споровите кои ќе произлезат од овој договор или ќе настанат во врска со договорот, вклучително и споровите за полноважноста на договорот, ќе се решаваат со медијација, согласно одредбите од Законот за медијација,, 

При вака предвидена клаузула за правна заштита,  решавањето на спорот се превзема во рацете на самите договорни страни, во постапка со која ќе раководи и ќе дава насоки избраниот лиценциран медијатор/и.

Поднесувањето тужба пред суд, треба да е последна опција за решавање на спорен однос.  Зошто ?

Затоа што, во судската постапка, за разлика од медијацијата, се губи драгоцено време кое би можело да се искористи многу подобро, се трошат многу пари, се појавува непријатно и лошо расположение поради изложеноста на лични и деловни прилики пред очите на јавноста, се појавува нелагодност поради специфичноста на  роднинските релации, а секако дека и на претходно добри колеги на работа или добри пријатели од порано, не би им било сеедно да се соочат на суд пред кој една од страните по завршувањето на парницата, ќе биде поразена страна, што пак  доведува до трајно нарушување на односите на договорните страни.

Медијаторите кои поседуваат лиценца за извршување на медијаторски работи, во  постапка на медијација, можат да посредуваат при  решавање на сите видови спорови кои се наведени во чл.1 ст.2 од Законот за медијација како медијабилни спорови

Медијаторот ја гарантира  доверливоста на постапката која од самиот почеток, па до завршницата се спроведува надвор од очите на јавноста, а пристапот на медијаторот кон страните инволвирани во спорот обезбедува еднаквост, правичност и рамноправен третман во текот на сите фази во кои се одвива медијацијата.

Од особено значење е да се спомне дека спогодбата која се постигнува со медијација по однос на правната важност, ќе има иста правна сила како и судската одлука доколку се солемнизира кај нотар и тоа исклучиво по барање на страните доколку  предвидат извршна клаузула во медијаторската спогодба.

Решавањето на спорови бара трпение и врвна човечка вредност за подадена рака за ракување кон ,,противникот,, доколку е корисно да  се зачувуваат или обноват роднински, бизнис, колегијални, пријателски или меѓусоседски релации за да се негуваат и развиваат во иднина.

Што ако во договорот кој е склучен не е предвидена медијациска клаузула, а дошло до настанување на спор ?

И во овој случај, кога изостанува медијациска клаузула при склучувањето на договорот, при настанување на спор, доколку  постои волја и интерес на двете договорни страни,  постои  можност да се спроведе медијација.  Начелото за еднаков пристап до правда важи за секого.

Од особена важност е да се напомене и дека ако во договорите се употребува медијациска клаузула, истата правилно треба да се дефинира. Зошто е важно правилно дефинирање на медијациската клаузула? Затоа што, ако е нејасно составена  одредбата со медијациска клаузула, може да настанат поинакви правни последици од вистинската намера на договорните страни.

Имено, доколку вистинската намера и волја на договорните страни е евентуалниот спор да го решат со медијација, треба да ги избегнат одредбите со следната содржина :

,,во случај на спор, истиот ќе се реши спогодбено,,

,,во случај на спор, истиот ќе се реши на мирен начин,,

,,во случај на спор, истиот ќе се решава во духот на добрите односи,,

,,во случај на спор истиот ќе се решава спогодбено, а ако не се реши спогодбено, надлежен е Основниот суд во ______ ,,

,,Во случај на спор, надлежен е Основен суд _______ како месно и стварно надлежен суд, откако претходно страните ќе се обидат спорот да го решат на мирен начин,,

,,Во случај на спор, истиот ќе се решава алтернативно, вон судска постапка,, и сл.

Сите погоренаведени и слични примери на одредби за правна заштита треба да се избегнуваат бидејќи не даваат јасна слика за начинот и методот кој треба да се примени за решавање на спорот и може да се толкуваат погрешно, односно може но и немора да се користи посредство на медијатор.

Како што и погоре во текстот е наведено,  покрај медијацијата што е само еден од неколкуте методи на алтернативно решавање на споровите, во суштина, постојат и други методи кои значат мирно, спогодбено и компромисно решавање на споровите.

Ако конкретно не се наведе медијациска клаузула како правна заштита, нема услови да се исклучи надлежноста да одлучуваат  судовите, за разлика од случаите кога медијацијата и терминолошки е наведена како правна заштита што сама по себе ја исклучува стварната надлежност на судовите бидејќи значи  пристап до правда на друг, алтернативен  начин, а не преку судска постапка. Законски е дозволено еден конкретен спор да се решава со медијација само за спорови кои се медијабилни.

Во контекст на наведеното, медијациска клаузула како правна заштита за договорни односи може и  корисно е да се предвиди при склучување на :

  • Договори кои се однесуваат на отстапување на побарувања, превземање на долг или пристапување кон долг,
  • Договор за купопродажба на ствари,освен за договори од кои произлегуваат имотно правни спорови со кои се бара утврдување право на сопственост на недвижност,
  • Договор за размена на подвижни ствари,
  • Договор за заем,
  • Договор за закуп,
  • Договор за градење,
  • Договор за превоз на лица или ствари,
  • Договор за складирање и за шпедиција,
  • Договор за организирање на патувања,
  • Договор за ангажирање угостителски капацитети,
  • Договор за осигурување,
  • Договор за гаранција,
  • Договор за кредит и сл.

Партнери на Правдико