Правдико

   

Меморандуми за подобрување на ефикасноста на управните судови и јавното обвинителство

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Меморандуми за соработка во областите на јавното обвинителство и управните судови се потпишаа денеска во Министерството за правда од страна на министерката за правда, Рената Дескоска, амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, како и претставници од Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство на Република Македонија, Управниот и Вишиот управен суд.

„Креирање матрица за мониторинг на перформансите во Јавното обвинителство во Република Македонија“ е целта на потпишувањето на првиот меморандум во областа на јавното обвинителство. Со него, од Министерсвото за правда посочуваат, ќе се обезбеди поддршка во клучните сектори од правниот систем која ќе овозможи имплементирање на проектот во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи.

Министерството појаснува дека вториот потпишан меморандум од областа на управните судови, пак, има за цел да обезбеди поддршка на управните судови да го имплементираат проектот „Подобрување на ефикасноста и ефективноста на управното судство во Македонија“. Исто така, проектот ќе биде имплементиран од страна на Центарот за правни истражувања и анализи и Прајсвотерхаус Куперс Македонија.

Министерката Дескоска му се заблагодари на амбасадорот во заминување Чарлс Гарет за неговата досегашна соработка и неговата лична заложба и поддршка на институците во остварувањето на евро-атлантските интеграции.

„Денешното потпишување на меморандумите е уште една потврда за добрата соработка помеѓу двете земји и решеноста на Владата за спроведување на започнатите реформи во правосудсвото“, истакна министерката за правда, Рената Дескоска. Таа додаде дека претстои период во кој сите заедно ќе работиме да се врати независноста на судството и обвинителството.

Амбасадорот Чарлс Гарет истакна дека судството и обвинителството и нивната независност се основата на едно демократско општество, а нивната работа влијае на секојдневниот живот на луѓето.

„Кога судството и обвинителството работат непристрасно во интерес на граѓаните, тогаш јавноста има доверба дека нивните права се почитуваат, дека нивните бизниси би имале раст и дека можат долгорочно да планираат. Странските директни инвеститори исто ги гледаат работите. Затоа успешните, стабилните и просперитетните општества имаат една заедничка работа – цврсто владеење на правото. Тоа е и причината зошто секторот правда е еден од клучните сектори во кои Македонија треба да спроведе реформи за да напредува на својот евро-атлантски пат. Во таа насока ја поздравувам јасната определба на судството, обвинителството и Министерството за правда да соработуваат во оваа област, рече Гарет.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико