Мерки на заштита од семејно насилство согласно новиот закон | Правдико

Правдико

   

Мерки на заштита од семејно насилство согласно новиот закон

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

domestic-violenceПод семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.

Надлежни органи за спречување и превенција од семејно насилство се Министерството  за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, единиците на локалната самоуправа, институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, детската заштита, внатрешните работи,   здравството, вработувањето и образованието, и се должни да преземаат мерки за заштита на жртвата и спречување на насилство, како и да остваруваат меѓусебна соработка и координација.

domestic-violence (1)Жртвата има право на помош, поддршка и заштита од семејно насилство како и  да биде информирана од службените лица за своите права, мерките за заштита и постапките за остварување на истите, како и за достапните услуги за помош и заштита

Во постапките за обезбедување на заштита  и спречување на семејно насилство, на лица кои не се во состојба да се грижат за себе, покрај мерките утврдени со овој закон се обезбедува остварување на права и услуги од социјална заштита, а по потреба се спроведува постапка за ставање под старателство и назначување на старател, согласно со Законот за семејството.

Мерки за заштита

Мерки на центарот за социјални работи

Центарот за социјална работа  ги презема следниве мерки за заштита на жртвите:

1) сместување во центар за лица – жртви на семејно насилство;

2) соодветна  здравствена заштита;

3) соодветна психо – социјална интервенција и третман;

4) психо – социјален третман во советувалиште;

5) помош на семејството за редовно школување на дете;

6) правна помош и застапување, и

7) економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на
трудот.

shutterstock_91551605Центарот за социјална работа е должен да започне постапка веднаш,  а најдоцна во рок од 24 часа  од добиеното сознание да  преземе  мерки за  заштита на жртвата. Центарот  постапката ја започнува  по добиено сознание дека над лице е сторено семејно насилство, по службена должност, по барање на жртвата, по пријава од физичко лице,  службено  лице,  институција и здружение.

Во случаите кога како жртва се јавува дете или лице кое не  е во состојба да се грижи за себе или лице со ограничена или одземена деловна способност, презема мерки за заштита,   без оглед дали постои согласност на родителот  или старателот. Центарот за социјална работа може времено да ги ограничи или забрани личните  односи и непосредните контакти на детето со родителот со кого не живее заедно, во случај  кога тоа е во интерес на детето -жртва на семејно насилство, но не повеќе од една година.

Центар за социјална работа мерките за заштита ги врши преку   стручна, советодавна, советувалишна  и интердисциплинарна тимска работа. Центарот врши проценка на потреби за заштита на жртвата, според видот, интензитетот, контекстот на случување на насилството, здравствениот и семејниот статус на жртвата, нејзината возраст и други околности во постапката за преземање на потребните мерки за заштита. Во случаи кога постои сознание за загрозување на   животот и здравјето на жртвата и членовите на семејството, како и кога дете е жртва на семејно насилство, се изготвува безбедносен план за помош, од страна на мултисекторски стручен тим.

Сместување на жртва   во центарот за лица – жртви на семејно насилство се врши кога постои сознание за реална закана по животот и здравјето на жртвата и во отсуство на други ресурси за згрижување, кое може да трае најмногу три месеца со можност за продолжување за уште три месеца. Во исклучителни случаи  по процена на центарот за социјална работа, сместувањето во  центарот за лица – жртви на семејно насилство може да продолжи најмногу за уште шест месеца.

Центарот за лица – жртви на семејно насилство може да обезбеди психо -социјална интервенција и третман. Правната помош ја обезбедуваат стручните лица во центарот за социјална работа и во здруженијата. Правото на бесплатна правна помош, жртвата го остварува согласно со   Законот за бесплатна правна помош.

Центарот за социјална работа, во рок од седум дена од отпочнување на постапката, ја известува Агенцијата за вработување на Република Македонија – надлежниот центар за вработување, за потребата за вклучување на лицата – жртви во активните мерки за вработување

Мерки на Министерството за внатрешни работи 

imagesПолициски службеник, секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и  сериозна опасност по  животот и физичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, должен е да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај  веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот. Полицискиот  службеник  во случаи  на  семејно  насилство,  при  преземањето  на полициските работи и примената на полициските овластувања, оперативно – технички и превентивни мерки утврдени со Законот за полиција, секогаш прави проценка на ризикот по  животот  и  телесниот  интегритет  на  жртвата  и  на  ризикот  од  повторување  на  насилството, со цел за заштита на жртвата, преку соодветно  управување  со ризикот.

Полициски службеник ја придружува жртвата во станот или друг простор каде жртвата живее, кога е потребно   да ги   земе личните работи кои се неопходни за секојдневниот живот. Начинот на проценка на ризикот по животот и телесниот интегритет на жртвата и на ризикот од повторување на насилството, соодветното  управување  со ризикот, образецот на полицискиот извештај и предлогот за изрекување на привремена мерка за заштита -отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот ги пропишува министерот за внатрешни работи.

Полицискиот службеник, при постапување ,  привремено го одзема оружјето од сторителот и покренува постапка предвидена со закон за одземање на дозволата за оружје, дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје.Полицискиот службеник е должен во определен рок до надлежниот суд   да достави предлог за изрекување на привремена мерка за заштита -отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и полициски извештај, изготвен од полицискиот службеник.

Полицискиот службеник е должен во определен рок, да го извести надлежниот центар за социјална работа заради  преземање на мерки за заштита на жртвата.

Мерки на здраствените установи

Здравствениот работник и здравствената установа се должни веднаш да извршат преглед и друг медицински третман на жртвата и за истото да и издадат соодветна медицинска документација за констатираната повреда. Здравствениот работник и здравствената установа се должни да   извршат преглед и друг  медицински  третман,  да  издаде  соодветна  медицинска  документација  за констатираната повреда, секогаш кога  како  жртвата се јавува дете.За овие работи, жртвите се ослободени од плаќање на трошоци   за извршената медицинска услуга и документација.

Мерки на здруженијата

Здружение, рeгистрирано за остварување на цели и задачи од областа на социјалната заштита, согласно своите програми   може да презема мерки за заштита , самостојно  или во соработка со центарот за социјална работа, Здружението е должно за преземените мерки  во рок од 24 часа да го извести центарот за социјална работа, надлежен според местото на живеење на лицето жртва на семејно насилство.

Мерки на единиците на локалната самоуправа

Единиците на локалната самоуправа, во доменот на превенција и спречување на семејното насилство обезбедуваат заштита на жртвите во заедницата, воспоставуваат центри за згрижување, советувалишта за жртви и советувалишта за сторители на семејно насилство, советувалиште за родители и деца, советувалиште за брак и семејство и други форми за згрижување и помош на жртвите, како и локални СОС линии. Единиците на локалната самоуправа преземаат мерки за  воспоставување на меѓусебна  и координирана соработка  на локално или регионално ниво  помеѓу центрите за социјална работа,  полициските  станици,  здравствени,  предучилишни  и  образовни  установи  и здруженија.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Водич за привремени мерки за заштита од семејно насилство

– Анализа на постапувањето на судовите при изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство

– Пријави семејно насилство

– Практикум за обука на професионалци кои постапуваат во случаи на семејно насилство и насилство врз жена

– Водич за психолошка помош и поддршка на жртвите на семејно насилство

– Убиство при вршење на семејно насилство

– Право на заштита на жртвите од семејно насилство

– Правното уредување на семејното насилство во Р. Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико