Правдико

   

Мерки за предупредување поради загадениот воздух: Децата, бремените жени, старите да си седат дома

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Град Скопје препорачува граѓаните да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе да не излегуваат на улица и да не се проветруваат просториите во кои се престојува.

zagaduvanje-1

Во согласност со известувањата од Министерството за животна средина и просторно планирање за нарушениот квалитет на амбиентниот воздух заради надминувањето на граничните вредности за партикуларните честички помали од 10 микрометри (РМ10) во текот на пет последователни денови, а врз основа на Одлуката за алармантни состојби на квалитетот на воздухот на подрачјето на градот, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, прогласи мерки од прв степен, за предупредувања и препораки.

Се апелира до сите граѓани да го користат јавниот превоз, да не ги користат своите автомобили без поголема потреба, при користење на возило, во него да се возат повеќе лица истовремено.

Се повикуваат возачите на тешките товарни возила да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот, сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на отпадните гасови.

Се повикуваат граѓаните да користат суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, при затоплување на своите домови, да не користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси (отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали), се препорачува печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовно да се чистат оџаците.

Се препорачува да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на димните гасови.

Се предупредуваат граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично со коишто се загадува воздухот во просториите.

Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада.

Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје.

Се повикуваат граѓаните да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања.
Се препорачува на одделни категории на населението (малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе) да не излегуваат на улица.
Се препорачува на граѓаните да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат.

Градот Скопје продолжува во континуитет со своите редовни активности во насока на намалување на загадувањето на воздухот и ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки со што ќе дадат личен придонес за подобар квалитет на воздухот во градот, што е заедничка потреба и цел кон која сите заедно треба да се стремиме.

Настанатата состојба е резултат на загадувањето на воздухот, но, пред се, на стабилната временска состојба, карактеристична за Скопската котлина во студениот дел од годината, заради што Градот Скопје е во редовен и постојан контакт со Управата за хидрометеоролошки работи и за секоја настаната промена на состојбата редовно ќе ја известува јавноста.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико