Министер во Обвинителство сведочел дека на 27 април Југ му вперил пиштол во глава | Правдико

Правдико

   

Министер во Обвинителство сведочел дека на 27 април Југ му вперил пиштол во глава

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Водач на толпа и поседување огнено оружје се делата за кои Обвинителството го товари Игор Југ како дел од толпата која влезе во Собранието на 27 април. Од извори блиски на истрагата, неофицијално дознавме дека неколку пратеници, министри а и сегашни кандидати за градоначалници, но и новинар сведочеле против Игор Југ и тврделе дека тој во законодавниот дом успеал да внесе оружје, што било потенцијална опасност.

Висок функционер на СДСМ, сега актуелен министер, во ОЈО пред надлежниот обвинител изјавил дека Игор Југ му вперил пиштол во глава и дека тој е опасност за него. Според информациите на „Макфакс“, против Игор Југ не сведочеле пратеникот од редовите на СДСМ, Максим Димитриевски, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кои потекнуваат од истиот град како и Игор Југ, Куманово.

Во јавноста излегоа и информации дека Игор Југ не бил достапен за органите на прогонот и дека поради тоа била издадена потерница, но блиски пријатели на обвинетиот велат дека тоа не е точно и дека се наоѓал дома.

„Јас не бев сведок на неговото апсење, но ми кажаа дека Игор бил уапсен околу 4 часот наутро. Буквално бил изваден од дома, однесен во полициска станица пред испектор, а потоа во притвор. Со него немаше ништо, дури ни чорапи. Една недела не можевме да му доставиме пакет во истражниот затвор Шутка, човекот немаше ништо со него“, вели неговиот близок пријател.

За „Макфакс“ блиски роднини и блиски пријатели на Игор Југ неофицијално коментираат дека целиот случај прераснал во политичка пресметка меѓу Игор Југ и партиите, но не потенцираат на кои политички структури или партии мислат. Тие сметаат дека нивниот роднина и пријател Игор Југ е невин, а тоа ќе се докажело и на суд бидејќи сведочењата против него биле лажни. На прашањето дали статусот што го пренесоа дел од медиумите, каде тој му се заканува на експремиерот Никола Груевски, е негов и дали тој стои позади овој став, неговите блиски пријатели немаа одговор и тврдат дека контакт со него имаат само адвокатите.Тие потврдуваат дека по објавата во медиумите за фејсбук-статусот кој наводно од телефон го објавил Игор Југ во затворот „Шутка“ бил направен детален претрес, но не било најдено ништо.

Игор Југ е претседател на патриотското здружение „Владо Георгиев Черноземски“. Тој за време на упадот во Собранието носеше црна маица со симболот на про-усташката организација ХОС, а од снимките на медиумите беше забележан како подолго време ја држи раката на грбот под маицата по што јавноста се прашуваше дали бил вооружен со огнено оружје.

Засега сите информации се неофицијални бидејќи истрагата на Основното јавно обвинителство е во тек, а се прибираат и докази за целосно расчистување на инцидентите од 27 април од Собранието каде што беа нападнати и повредени лидерот на тогашната опозициска партија СДСМ, Зоран Заев, пратеници и новинари.

Кристијан Ландов

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико