Министерот за правда и заменикот се повлекуваат од Советот за реформи во правосудството | Правдико

Правдико

   

Министерот за правда и заменикот се повлекуваат од Советот за реформи во правосудството

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерот за правда, Билен Саљији, и заменикот Оливер Ристовски, ќе се повлечат од Советот за реформи во правосудството со цел да се деблокира процесот на работа на ова тело во Министерството за правда, дознава „Макфакс“.

Во овој совет членуваат 27 судии, професори, државни советници… Двајца од членовите се и министерот и заменикот. Од Кабинетот на министерот за правда не добивме потврда на информацијата. Заменик-министерот вели дека сите детали ќе бидат познати по завршувањето на утрешниот состанок на Советот за реформи, кој започнува напладне.

Изминатиов период незадоволство од работата на ова тело изразија повеќе професори. „Советот за реформи во правосудството е повеќе декор на Министерството за правда и Владата отколку вистински Совет за реформи“, обвини професорот по казнено-процесно право при Правниот факултет во Скопје, Горан Калајџиев, кој неодамна поднесе оставка од членството во Советот.

Оставки од повеќето членови на Советот за реформи на правосудниот систем најави и Мирјана Најчевска, член на Советот, доколку Владата не ги уважи сугестиите и барањата на експертите ангажирани во ова тело. Најчевска неодамна изјави дека освен што тие биле именувани за членови, без да бидат консултирани, немаат деловник за работа, не знаат која е нивната улога, надлежност, кој им е мандатот. Најчевска вечерва најави дека на следниот состанок на Советот закажан за 19 декември, на која се надева дека ќе присуствуваат министерот за правда и неговиот заменик, дека ќе успеат да се убедат со Владата за тоа која треба да биде нивната суштинска улога во реформите на правосудството.

Членови на Советот се Маргарита Цаца Николовска и Мирјана Лазарова Трајковска, поранешни судијки во Европскиот суд за човекови права, универзитетските професори Љубомир Фрчкоски, Мирјана Најчевска, Борче Давитковски, Беса Арифи и Мерсим Максути. Советот за спроведување реформи во правосудството е дел од планот 3-6-9 на Владата за реформи.

В. М.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико