Министерот за правда ќе почека да поминат празниците, па ќе го собира Советот за реформи во правосудството | Правдико

Правдико

   

Министерот за правда ќе почека да поминат празниците, па ќе го собира Советот за реформи во правосудството

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Деловникот за работа на Советот за реформи во правосудството, кој го подготвија професорката Мирјана Најчевска, поранешата судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазаревска-Трајковска, и уште тројца членови на ова тело е готов уште пред Нова година, дознава „Макфакс“. Но, и покрај тоа што Деловникот бил испратен до Министерството за правда и дополнително некои од членовите се јавиле да прашаат кога ќе биде закажан нов состанок, досега тоа не се случило.

„Деловникот беше готов уште третиот ден кога ни ја дадоа задачата. Потоа беше испратен до Министерството, но оттаму не закажаа состанок. Ние се јавивме и прашавме зошто не се закажува состанок кога се договоривме пред Нова година тоа да се направи, ни рекоа дека се во метеж. Оттогаш не ни се јавиле. Ако до вторник нема повик, јас сигурно ќе поднесам оставка“, изјави професорката Мирјана Најчевска. „Ние чекаме да се закаже состанок бидејќи состаноците според досегашаната динамика ги закажува министерот. Ние во Деловникот бараме други решенија за да не доаѓаме до вакви ситуации“, вели Најчевска.

Oд Министерството за правда за „Макфакс“ изјавија дека нема определено точен датум кога ќе биде свикан повторно Советот, но состанокот ќе се одржи по празниците. Советот за реформи во судството брои 27 члена, меѓу кои се и министерот за правда Билен Салији, заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, како и поранешните судијки Маргарита Цаца Николовска и Наташа Габер Дамјановска, професорите Љубомир Фрчкоски, Гордан Калајџиев, Борче Давитковски, Беса Арифи, Мерсим Максути, актуелни судии, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, државни советници…

По искажаното незадоволство за начинот на кој функционира ова тело, оставки најавија професорите Гордан Калајџиев и Мијрана Најчевска, но министерот за правда ги собра на состанок во декември и рече дека несоглаувањата се надминати, а Советот ќе продолжи да работи како што функционирал, но со продолжено и забрзано темпо.

В. Маглешов

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико