Министерството за правда: ЕК ги пофали реформите во правосудството
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Најновиот извештај на Европската комисија повторно со позитивна оценка за реформите во правосудството. Во него е наведено дека државата испорача опипливи резултати со посебен фокус на судските реформи и поактивните истраги, кривичното гонење и правосилните пресуди за случаи за корупција и организиран криминал вклучувајќи случаи на високо ниво, соопштија од Министерството за правда.
„Во извештајот е нотирано дека постои значителен напредок остварен при зајакнувањето на независноста на судството. За својата констатација извештајот се повикува на Венециската комисија: ‘властите беа конзистентни во своите напори да ги усогласат законите што се однесуваат на правосудниот систем во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики’“, велат од Министерството.
Во извештајот е нотирано дека имплементацијата на новата законска рамка е во тек, а дека реформите обезбедуваат зголемена транспарентност во именувањето на судиите, дека се воведени нови и зајакнати критериуми за оценување на судиите и дека е зголемена одговорноста на судиите и членовите на Судскиот совет.
„Судскиот совет игра поголема активна улога и во заштитата на независноста на судиите, но и во примената на подобрените правила за дисциплинска одговорност. Oд јули 2019 година разрешени се шест судии, вклучувајќи ги претседателот и двајцата судии од Врховниот суд, како и тројца други судии (вклучувајќи го поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје). Одземен му е имунитетот на судија од Управниот суд во 2019 година, како и на еден од членовите на Судскиот совет осомничен за измама во декември 2019 година“, стои во извештајот.
Европската комисија, додаваат од Министерството за правда, цени дека државата остварила успех донесувајќи го новиот закон за Јавното обвинителство, а главната цел на новиот закон, според Комисијата, е да „обезбеди одговорност за сторените прекршувања на законите и целосно затворање до правосилна судска пресуда на случаите што ги почна СЈО“.
„Воедно, извештајот позитивно говори и за инспекцискиот надзор над примената на АКМИС-системот, но и за усвојувањето на новиот закон за управување со движењето на предметите во судовите, со кој се отстрануваат посочените недостатоци од инспекцискиот надзор. Наодите во последниот извештај се потврда за заложбите на Министерството за правда да го реформира судството преку исполнување на сите препораки на Венециската комисија и други релевантни меѓународни организации или експерти. Доследната имплементација на законите, која ќе биде предмет на мониторинг, полека, но сигурно – ќе ја врати довербата во правосудството“, велат од Министерството.
Извор: Макфакс