Многу ризици од евентуалниот колапс на Грција | Правдико

Правдико

   

Многу ризици од евентуалниот колапс на Грција

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Не е само еврото загрозено поради евентуалниот банкрот на Грција. За ЕУ ќе се отворат уште бројни други проблеми: Британија, криза на Балканот, проблем со бегалците и односите со Русија.

0,,18517219_303,00

Кризата во Грција ги прави нервозни ЕУ државите, но не само поради иднината на еврото. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц деновиве уште еднаш предупреди од лекомисленото сфаќање на ткн. „грегзит“, односно напуштањето на Грција на еврозоната. Во моментов никој не може точно да ги процени вистинските последици од државниот банкрот во Атина кои далеку ги надминуваат финансиските и економските аспекти.

Проблемот на еврото

Со недели евро-партнерите тврдат дека ризикот од проширување на кризата по евентуалниот излез на Грција од еврозоната е мал. Се наведува дека најголемиот од грчкиот долг во меѓувреме е во рацете на државите, и дека не треба да се стравува од верижна реакција во погодените банки. Истовремено, доверителите веќе подолго време се подготвуваат за можните проблеми и ја редуцираа соработката со Грција.

Тоа е погрешно, вели Шулц, и посочува дека во изминатите недели веќе прилично се зголемило осигурувањето на ризикот за шпанските државни обврзници. Доколку се случи државен банкрот, тој веројатно со себе ќе повлече и простување на долговите- што пак би значело дополнително оптоварување за тенките буџети на јужните ЕУ држави, но и за Франција.
Дополнително, и довербата во еврото ќе се намали доколку една од 19. земји- членки ја напушти валутата, велат во германската влада. Притоа не игра голема улога тоа што Грција придонесува со помалку од два проценти во БДП на еврозоната, затоа што паѓа во вода наводната неповратност на воведувањето на еврото.

Проблемот со Велика Британија

Во Берлин се стравува и дека колапсот на Грција ќе им даде дополнителен замав на заканите на Британија за напуштање на ЕУ. На Европа и се заканува распад на периферните линии. Причината е едноставна: при евентуален банкрот на Грција, ЕУ ќе се најде во многу очајна состојба и ќе мора да презема серија спасувачки акции за Грција, па прашање е колку Унијата ќе биде и натаму атрактивна за британските гласачи.

Проблемот со Русија

Грција не е само кризна членка на ЕУ, туку и проблематичен ЕУ партнер. Владејачката коалиција на радикалната левица и десница на премиерот Алексис Ципрас веќе ја потврди политичката блискост со Кремљ, а Ципрас веќе неколку пати се сретна и со рускиот претседател Владимир Путин. Во ЕУ се сигурни дека Русија не може да биде алтернативен извор на средства за Грција- потребните суми се преголеми. И сонот на левичарските политичари, дека Грција ќе стане клучна крстосница за рускиот гас во ЕУ, се распаѓаат со оглед на односот на Европската комисија против рускиот концерн Газпром. Сепак, според ЕУ дипломати, Путин веќе се изјасни дека сака да ги искористи несогласувањата меѓу ЕУ-членките. За евентуалното продолжување на санкциите на ЕУ против Русија ќе биде потребна и согласноста на Грција.

Проблемот со Балканот

Берлин стравува дека целиот балкански регион повторно би можел да стане многу нестабилен. Се уште трае спорот околу името меѓу Грција и кандидатот за членство во ЕУ- Македонија- во која пак во тек е длабока политички судир. Тајните служби предупредуваат дека радикалната исламска милиција „Исламска држава“ во последните месеци прави огромни напори да оствари влијание врз муслиманското население во БиХ, Албанија и Македонија. Во една таква ситуација, колапсот на соседната Грција само ќе ги засили немирите во регионот.

Проблем со бегалците

Досега воопшто не се дискутираше улогата на Грција во одбраната од неконтролиран влез на бегалци во ЕУ. Во изминативе години, засилената контрола на грчко-турската граница делумно го сопре напливот на бегалци од Блискиот исток во ЕУ. Во случај на банкрот, левичарската Сириза би можела да ја крене браната за африканските или сириските бегалци. Такви закани веќе се слушаат од Атина. Од почетокот на годинава во Грција пристигнале 46 илјади бегалци, соопшти Меѓународната организација за миграции (ИОМ). Во 2014 таа бројка достигна 34 илјади луѓе. ОН веќе предупредуваат од бегалска катастрофа во Грција.

Еврокомесарот Гинтер Етингер затоа побара од бриселската администрација да изработи „план Б“. Помошта за земјата во случај на банкрот треба да биде подготвена. Освен хуманитарната помош се отвора и прашањето како ќе се гарантира безбедноста во државата, доколку владата не биде во состојбата да им дава плати на полицајците.

Извор: Deutsche Welle

Партнери на Правдико