Могерини со нова осуда за насилството во Скопје | Правдико

Правдико

   

Могерини со нова осуда за насилството во Скопје

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Европската унија преку својата шефица на дипломатијата денеска го осуди насилството во македонскиот парламент и порача дека темелите на демократијата мора да бидат почитувани.

Високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини денеска повторно ги осуди сцените на насилство во македонското Собрание.

„Насилството е неприфатливо, дотолку повеќе ако се случува во дом на демократијата“, изјави Могерини во коментарот на повеќечасовните безредија во главниот град на Македонија во кои повредени беа 77 луѓе, меѓу кои и 22 полицајци како и повеќе пратеници и новинари.

Могерини, која учествува на средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија во Малта, во изјавата за новинарите синоќешните случувања во Скопје ги нарече „сериозна криза, која може да биде опасна“.

Шефицата на европската дипломатија се огласи и синоќа преку социјалната мрежа Твитер. Во заедничката изјава со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, беше истакнато дека насилството во Собранието е целосно неприфатливо и заслужува најостра осуда. Двајцата високи претставници на ЕУ повикаа на смиреност и воздржаност.

Освен тоа тие го поздравија изборот на Талат Џафери за нов претседател на македонскиот парламент и порачаа дека Унијата  е подготвена да работи со Собранието на неопходните реформи за да се придвижи земјата напред кон европскиот пат.

Извор: Deutsche Welle

Препорачуваме

Партнери на Правдико