“Мора да верувате дека мобингот се докажува”-охрабрува Aдвокат Маја Ристова | Правдико

Правдико

   

“Мора да верувате дека мобингот се докажува”- охрабрува Aдвокат Маја Ристова

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

фотоАдвокат Маја Ристова е магистер по правни науки, специјализирана во областа на работните односи, особено во делот на заштита од вознемирување на работното место (мобинг). Во оваа област била правен советник во Канцеларијата за помош и едукација на жртвите на мобинг при Сојузот на синдикатите на Р.Македонија, тренер и обучувач на национални и меѓународни работилници, дел од работната група за изработка на посебниот Закон за заштита од вознемирување на работното место, учесник на бројни тренинзи во земјата и во странство.

 

Кои се најчести однесувања на моберите, а на кои се жалат жртвите на мобинг?

Мобингот претставува психичко и/или полово вознемирување на работното место, како начин за стратешки, континуирано, систематски и софистицирано да се загрози честа, угледот и достоинството на еден работник или група на работници. Обично истиот е манифестиран преку прераспоредување на друго и пониско работно место или прераспоредување на работно место далеку од местото на живеење, одземање и/или недоделување на работни задачи, неоправдано оценување со пониски оценки, донесување на решенија за изрекување парична казна, укинување на додаток на плата за степен на кариера, постојано критикување на работата, контролирање во работењето, неможност за изразување, игнорирање, прогонување, понижување, исмејување и слично.

Мобингот се јавува како хоризонтален и вертикален. Што значи тоа и кој вид е повеќе застапен кај нас?

Хоризонталниот мобинг се врши према работник кој е на иста работна позиција со оној кој вознемирува. Чувство на загрозеност и завист се најчести причини за овој тип на мобинг, поради што жртви најчесто се вработените кои особено се истакнуваат по квалитетот на својата работа. Вертикалниот мобинг е насочен кон подредениот (bossing) или надредениот работник (staffing), во хиерархиската организација во работната средина.

Во Македонија најмногу е застапен “босингот” како облик на вертикален мобинг, односно, се вознемирува од повисока работна позиција кон пониска.

 Дали луѓето лесно препознаваат дека се жртви на мобинг и превземаат нешто во врска со тоа?

 Можеби во најрана фаза, работникот не е свесен дека е “мета” на моберот, но се разбира подоцна констатира дека таквото однесување е намерно и целно.

Мора да признаам дека ние по природа сме и хиперсензибилна нација, па многу пати се случува да се бара помош за мобинг, во ситуација кога има повреда на одредби од Законот за работните односи. Значи овде е разликата. Постапките од работен спор се иницираат како резултат на повреда на право од Закон за работните односи, а постапките за заштита од мобинг, врз основ на Законот за заштита од вознемирување на работното место.

Ми влева надеж тоа што луѓето се повеќе се охрабруваат (правно) да се заштитат, преку интерна, неформална постапка и/или судска постапка.

 Македонија нема ниту една правосилна пресуда за мобинг. Што мислите зошто е тоа така?

Колку повеќе тужбени барања се иницираат, толку поголема е веројатноста да го имаме и првиот позитивен судски случај. Како што кажав, луѓето се повеќе иницираат судски постапки, но сепак не можам да кажам дека бројката е завидна, споредбено со тоа колку всушност мобинг има во реалноста. Едноставно жртвите се плашат, немаат доверба во правниот систем, и не веруваат дека мобингот се докажува, а би требало. Тоа значи дека, првично овде е проблемот.

Понатаму, сметам дека судот ограничено, не толку сериозно и со доза на потценување пристапува кон овие предмети, во смисла на тоа дека се работи за предмети кои тешко се докажуваат, па оттука нема кој да го “скрши ледот”.

Дали мислите дека недоволно уредените одреби на Закон за заштита од мобинг, донесен во 2013 година, се можеби причината за тоа што немаме ниту една пресуда за мобинг?

 Вистина е дека цитираниот закон недоволно јасно и ефикасно ја уредува оваа материја, но не мислам дека тоа е причината за ваквата ситуација. Како пример ја посочувам Хрватска, која сеуште нема посебен закон за мобинг, но сепак имаа правосилна пресуда. Имено, во моментот во оваа држава постојат три закони кои го опфаќаат концептот на вознемирувањето и тоа: Законот за работните односи, Казнен закон и Законот за спречување на дискриминација, кои апострофирам дека исто така неефикасно ја регулираат оваа материја, во смисла на тоа дека не се во корелација, како во поглед на дефиницијата, така и во поглед на санкцијата.

Дали постои можност во текот на судската постапка да се изречат привремени мерки против моберот, а со цел да се заштити тужителот т.е. наводната жртва?

Пред започнување или во текот на постапката судот може на предлог на странката да одреди привремени мерки заради спречување на насилничко однесување или заради отстранување на ненадоместлива штета. Конкретно, на моберот може да му се изрече забрана за приближување до работното место на жртвата и/или забрана на телефонирање и комуницирање (вербално или електронски) со жртвата.

Постојат ли случаи на постапки во кои вработените ги злоупотребиле правата за заштита од мобинг односно иницирале постапка за “фиктивен мобинг”?

Законот за заштита од вознемирување на работното место предвидува санкции по однос на злоупотреба на овие права од страна на работникот, меѓутоа според моите последни податоци, засега нема инцирано постапка од овој вид, ниту кај нас, ниту во соседните земји (кои имаат правосилни позитивни пресуди).

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико