Можеме ли да си дозволиме „шведско“ работно време | Правдико

Правдико

   

Можеме ли да си дозволиме „шведско“ работно време

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Скратеното работно време стана многу актуелна тема меѓу бизнис-круговите во светот, а во некои развиени земји веќе и се применува. Во Шведска воведоа шестчасовно работно време во повеќе компании при што очекуваат дека со оваа практика ќе можат да ги намалат боледувањата, да ја зголемат продуктивноста и да заштедат повеќе пари. Наедно, компаниите ќе можат да вработуваат и нови луѓе за да не трпи работата, а платите не ги намалуваат. Според нашите експерти, во Македонија кога би се вовело шестчасовно работно време, тогаш би се добил само спротивен ефект од оној во скандинавските земји бидејќи кај нас сѐ уште преовладува физичката работа пред умствената.

28112016091049_web_for-companies

Според нив, намалувањето на работното време од 8 на 6 часа е остварливо во некои земји каде што во структурата на стопанството доминираат услугите што по правило бараат поголема креативност и слобода на вработените.

Во тој случај вработениот многу лесно може да ја сработи работата за 6 часа, со што се добива позитивен ефект и кај работодавецот и кај работникот, смета Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ).

– Во Македонија сѐ уште доминираат дејностите што бараат едноставен мануелен труд, каде што зголемувањето на продуктивноста е возможна само со посовремени машини и алатки, а резултатите од поголема мотивација на работниците се движат од 1 до 2 отсто. Во овие дејности намалувањето на работното време за 2 часа значи помало производство за 25 отсто што ќе предизвика автоматски влошување на финансиската состојба на компаниите – смета Димитров.

Според него, македонското стопанство не може да издржи таков товар, а ниту ќе се отвори простор за нови вработувања, затоа што во преработувачката индустрија во моментов има недостиг од работници.

– За жал, и влезот на странските компании во ТИРЗ не ја промени многу структурата на македонското стопанство и таму се бара едноставен мануелен труд без многу знаење и креативност. Намалувањето на работните часови со закон, сигурно би предизвикало одредено зголемување на побарувачката на работна сила во одредени дејности, но истовремено компаниите што нема да можат да го издржат тој товар би престанале со дејноста и би ги напуштиле работниците – нагласува Димитров.

Како што вели тој, тоа значи дека можно е да останат само посилните компании со повисока технологија, а послабите, каде што учеството на трудот во производството е огромно, би пропаднале.

– Моето мислење е дека во Македонија тоа би предизвикало поголеми негативни од позитивни ефекти. Можеби е добро на компаниите да им се остави можност сами, според дејноста и процените, да одберат дали ќе работат 6 или 8 часа во денот. Во таков случај фирмите што ќе проценат дека ќе заштедат струја, греење и ладење и некои други фиксни трошоци можат да се одлучат за пократко работно време, преостанатите ќе мораат да го задржат сегашното работно време од 40 часа во неделата – објаснува Димитров.

Емилија Стевановска, професорка на Институтот за менаџмент БАС, вели дека продуктивноста на трудот го покажува количеството на добра и услуги произведени во единица време, поточно продуктивноста на трудот го дава количеството на реалниот БДП произведен во еден работен час.

– На долг рок, продуктивноста на трудот по работен час е најважната детерминанта на просечното ниво на плати во економијата. Земјите чиишто работници произведуваат поголемо количество добра и услуги во единица време имаат повисок стандард на живеење. Во согласност со тоа, како што националната продуктивност расте, така расте и просечното ниво на плати во таа земја – појаснува Стевановска.

Таа истакна дека за да се измери продуктивноста на трудот, од една страна како категорија се користи реалниот БДП, а од друга страна работните часови што го инкорпорираат времето поминато на работа, вложениот труд и вештини.

– Квалитетот на работните часови не е секогаш јасна величина. Доколку реалниот БДП остане во количество ист, а работните часови се намалени, тогаш имаме поголема продуктивност на трудот. Токму од оваа логика е почнат експеримент во Шведска во одредени бизниси да се скрати работното време од 8 на 6 часа за работниците да имаат повеќе време и енергија да уживаат во своите приватни животи и да се намалат отсуствата од работа – нагласува Стевковска.

Како што објаснува професорката, ваквата одлука носи и свои ограничувања од типот дека на работниците не им е дозволено да користат социјални медиуми или компјутери за приватни потреби, состаноците се сведени на минимум и сите други пречки во текот на работниот ден се елиминирани за да се постигне поголема интензивност додека се на работа.

– Значи можноста за намалување на продуктивноста на трудот е компензирана со зголемената интензивност на трудот. На оваа шведска одлука постојат многубројни опоненти, кои велат дека идејата е утописка и дека економијата ќе страда од намалената конкурентност и ограничените финансии. На тоа може да се надоврзе и фактот дека за бизнис-заедницата би значело зголемувања на трошоците за работната сила и обременување на бизнисот, кое може да доведе до намалување на инвестициите во физички и во човечки капитал – смета Стевковска. Таа додава дека ако производството се одвивало во три смени, сега би значело дека треба да се воведе и четврта смена и дополнителни вработувања.

– Во поглед на вработеноста тоа е во ред, но во поглед на животниот стандард и нивото на плати би се одразило негативно. Сличен експеримент е направен и во Франција пред неколку години со намалувањето на работната недела од 40 на 35 работни часа, но искуството кај нив покажало дека овој концепт е неодржлив на долг период. Вработеноста не се зголемила, а отсуствата од работа не се намалиле – истакна Стевковска. Според неа, ова е сепак само експеримент и дека не дава никаква основа да се применува и во други земји сѐ додека не биде докажан како исправен, додавајќи дека тоа важи и за нашата земја.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико