Мртва трка за поддршка на уставните измени | Правдико

Правдико

   

Мртва трка за поддршка на уставните измени

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Според неофицијални информации, пратениците од ДУИ, Хазби Лика, Џевад Адеми и Зулфи Адили, и покрај партиската инструкција, не сакаат да гласаат за уставните амандмани.

A4863C186B3D304B81EE903CB64289BD

Иако собраниската расправа за утврдување и прогласување на уставните амандмани почна денеска, до последен момент не беше извесно дали предлогот на Владата за промена на Уставот ќе ја добие потребната поддршка од 82 пратеника. Тројца пратеници од ДУИ ја откажаа поддршката на уставните измени, иако во првата фаза, кога се гласаше за потребата од промена на Уставот сите пратеници од ДУИ гласаа „за“. Поголемиот дел од пратениците на ДУИ и денеска ја потврдија поддршката за уставните измени, со тоа што гласаа за утврдување на текстот на амандманите, кој што се гласа со апсолутно мнозинство.

Пратениците кои се противат на уставните измени, според телевизијата Алсат-М се Хазби Лика, Џевад Адеми и Зулфи Адили. Тие во неделата на седница на врвот на ДУИ, му соопштиле на Али Ахмети дека нема да гласаат за промена на Уставот. На тоа реагирал министерот за правда Аднан Јашари, кој побарал одговор зошто досега молчеле и не го соопштиле својот став. Гласовите на овие пратеници се клучни, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заедно имаат точно 82 гласа, колку што се неопходни за промена на Уставот.

Според неофицијалните информации, паралелно со седницата за уставните измени траеше убедувањето на пратениците кои му откажаа послушност на Ахмети. Во ДУИ вчера никој официјално не сакаше да коментира дали поради нивните пратеници е доведена во прашање промената на Уставот. Дел од пратениците на Ахмети креваа раменици и тврдеа дека немаат никакви информации, а дел проценуваа дека барем во текот на вчерашниот ден, спротивно на очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ, амандманите нема да бидат изгласани.

Наспроти ваквите информации, кои доаѓаа од пратеничката група на ДУИ, од ВМРО-ДПМНЕ до последен момент беа сигурни дека уставните измени ќе добијат зелено светло од сите пратеници на владејачкото мнозинство.

До затворањето на весникот траеше расправата за утврдување на текстот на амандманите, кое се гласа со 62 пратенички гласа, поради што не беше тестирана единственоста на пратениците на ДУИ. Според последните непотврдени информации, не беше исклучена можноста квалификуваното гласање за амандманите да биде одложено за в петок.

Министерот за правда Аднан Јашари во образложението на амандманите рече дека се усогласени со забелешките од Венецијанската и од Европската комисија.

Според потпретседателот на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, предложените уставни измени се резултат на темелни, опсежни и сериозни анализи меѓу сите коалициски партнери во Собранието и Владата, кои ја добиле изборната одговорност да носат вакви сериозни одлуки. Овие иницијативи, подвлече тој, се резултат и на темелни консултации со стручни лица, уставни експерти и стручни лица од повеќе области.

Против уставните амандмани вчера се изјаснија и пратениците од ДПА, како и независната пратеничка Солза Грчева.

Со уставните измени, покрај дефинирањето на бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, како и можноста за формирање финансиска зона се определува и промена на називот на Народната банка на Република Македонија, се воведува институт Уставна жалба, се воведуваат промени во составот и функционирањето на Судскиот совет, се прецизираат фискалните правила во рамките на буџетот за буџетскиот дефицит и за јавниот долг, и се дефинира Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

Извор: Утрински Весник

Партнери на Правдико