МТСП најави отворање на цeнтар за жртви на сексуално насилство | Правдико

Правдико

   

МТСП најави отворање на цeнтар за жртви на сексуално насилство

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со цел подготовка на земјата и другите релевантни ресорни институции за ратификација и имплементација на Истанбулската конвенција, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Програмата за развој на Обединетите нации ја најавија реализацијата на проектот: Подготовка за ратификација на Истанбулската конвенција – Усвојување подобри политики и пракси за елиминација на насилството врз жените.

Проектот, меѓу другото, има за цел развивање рамка за координиран и стратешки пристап за справување со насилството врз жените и девојчињата, како и исполнување на стандардите на конвенцијата за соодветно и ефективно обезбедување соодветни услуги.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, извести дека се почнати подготовките и координацијата со другите релевантни институции и меѓународни организации  со цел отворање центар за жртви на сексуално насилство, во кој жртвите на овој вид насилство ќе добијат психосоцијална поддршка, и помош за нивна ресоцијализација и реинтергација.

За функционирање на овој центар, согласно меѓународните стандарди за човекови права, ќе се изработаат интерни документи, кои се однесуваат на постапките и процедурите на упатување, сместување, престој, правила за однесување на ангажираниот персонал, протоколот за заштита и сл. Ќе бидат изработени протоколи за постапување со жртви на сексуално насилство согласно законските обврски и обврските од Конвенцијата.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, истакна дека Истанбулската конвенција ќе биде голем чекор напред кон елиминација на насилството врз жените и дека овој проект ќе придонесе за подигнување на свеста и ќе ги елиминира предрасудите кон родово базираното насилство.

Истанбулската конвенција воспоставува силна практична база за превенција, заштита на жените и девојчињата од насилство и прогон на насилниците. Овој документ има за цел да воспостави еднакви права помеѓу мажите и жените со тоа што ќе се елиминира родово базираното насилство.

Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, од државата се очекува да воспостави правен и институционален систем што ќе обезбеди превенција, заштита на жртвите на родово базирано насилство и прогон на сторителите. Сето ова ќе придонесе кон воспоставување еднакви можности на жените и мажите и нулта толеранција кон каков било тип родово базирано насилство.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико