Муареми се повлекува од Финансиска полиција | Правдико

Правдико

   

Муареми се повлекува од Финансиска полиција

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Првиот човек на Управата за Финансиска полиција, Арафат Муареми се повлекува од функцијата, соопштуваат од институцијата со која шефува тој.

Повлекувањето од функцијата уследи откако јавниот обвинител Љубомир Јовески поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки од Обвинителството за гонење организиран криминал и да ја суспендира Вилма Русковска по пријавата од Муареми за незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, при претресот во Управата минатиот месец.

„По своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се вели во соопштението од Финансиска полиција.

Во него се наведува дека денешната одлука на Јавниот обвинител дава јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.

Русковска претходно за РСЕ потврди дека добила решение за суспензија.

Муареми на 8 август поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три обвинителки од Обвинителството за гонење организиран криминал за претресот во Управата неколку недели претходно. Освен за Русковска, поднесени се пријави и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои го извршиле претресот.

Финансиската полиција претходно објави дека обвинителите доставиле до Судот лажни податоци за да добијат налог за претрес, со што е прекршен Законот за кривична постапка.

Потоа Русковска побара странска и владина помош против притисоците од владиниот функционер Муареми.

Извор: Радио слободна Европа

Препорачуваме

Партнери на Правдико