Правдико

   

МВР: Ги отфрламе шпекулациите за постоењето на киднапери и продажба на човечки органи

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерството за внатрешни работи ги отфрла шпекулациите за постоењето на киднапери кои киднапираат поради препродажба на човечки органи. Оттаму велат дека досега кај нив не се пријавени ниту случаи на киднапирање поради органи, ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи.

„Деновиве преку социјалните мрежи во јавноста се шират целосно неточни информации во кои се злоупотребуваат актуелните случаи на исчезнати лица. Граѓаните да бидат спокојни и да не потпаѓаат на шпекулативни дезинформации кои предизвикуваат паника и вознемиреност.

МВР за последните случаи на исчезнување, коишто се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопшти дека се работи за класични случаи на самоубиство. Неосновани се и дезинформациите дека има пораст во бројот на исчезнати лица, како што е соопштено и во текот на вчерашниот ден – статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата, и дека во континуитет во последниве 5 години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94% Статистичките податоци од 2014 заклучно со 2018, од 2008 пријавени случаи за исчезнати лица, пронајдени се 1876 лица.

Дополнително, на веб-страницата на МВР може да се проверат сите податоци и сите актуелни случаи на исчезнати лица МВР апелира до медиумите и граѓаните да се воздржат од ширење на дезинформации кои ја вознемируваат јавноста, и да се повикуваат на официјално објавените податоци од надлежните институции“, соопштуваат од МВР.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико