МВР ќе има 7 градови под видеонадзор | Правдико

Правдико

   

МВР ќе има 7 градови под видеонадзор

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

МВР го проширува проектот „Безбеден град“ за видеонадзор на најфреквентните места во градовите, со кој во моментов се опфатени Скопје, Kуманово и Тетово. Системот ќе се надгради, но ќе се прошири и во обем и ќе опфати уште четири града во државата каде што ќе бидат поставени нови камери.

kameri

– Се предвидува проширување на проектот „Безбеден град“ и во однос на опфатот на градови и во однос на можностите на системот. Предвидено е да ги опфати и Гостивар, Kичево, Охрид и Струга, а видеонадзор ќе биде поставен и на дел од патните правци во земјава – изјави Иво Kотевски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста.

Според Kотевски, надградбата на системот ќе чини околу 10 милиони евра, а оваа фаза треба да заврши во следните три години, по што ќе се пушти во употреба.

Освен опфатот на градови, МВР ќе ги надгради и можностите на системот.

– Се планира да се надградат постојните можности и системот да се користи и за контрола и регулирање на сообраќајот, со технички можности за документирање прекршоци. Ќе се прават фотографии за прекршоците во сообраќајот на патиштата, односно ќе се обезбеди фотодоказ за возило што минало на црвено светло, возило што возело со брзина поголема од пропишаната и слично – објаснува Kотевски.

Тој додава дека системот има техничка можност да се поврзе со радар за мерење на брзината на возилата или со семафорите за да документира минување на црвено светло, на пример.

МВР ги постави првите камери на раскрсниците во Скопје во април 2012 година, а проектот од тогаш го прошири и во Kуманово и во Тетово. Во меѓувреме „Безбеден град“ и неколку други слични проекти станаа дел од поголем план на МВР – дигитална полиција.

Во него, освен „Безбеден град“, влегува и сличен проект за надзор на граничните премини и на зелената граница со видео, термална и други видови опрема. Овој систем е дел од интегрираното гранично управување, во кое еден центар ги добива сите информации и ги координира сите институции вклучени во обезбедувањето на границата.

Еден сегмент на тој проект е и пакетот „дигитален војник“, кој опфаќа лична електронска и информатичка опрема за припадници на единиците за брзо распоредување и за специјални задачи на МВР: Со овој проект, кога единиците се во акција, меѓу другото, командата ќе ги знае точната позиција и статусот на секој припадник и ќе ги гледа на екран, а ќе добива и видеопренос на акцијата додека се изведува. Дел од проектот е и новиот систем за дигитална радиокомуникација „Тетра“, кој полицијата веќе го воведува.

Според Kотевски, сите тековни проекти ќе се обединат во еден систем, а некои веќе се интегрирани. Во системот, според потребите, ќе може да бидат вклучувани и други институции, како брзата помош или противпожарните единици при несреќи.

Автор: Игор K. Илиевски

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико