МВР поднесе кривична пријава против заразената ексдиректорка на Клиниката за дерматологија | Правдико

Правдико

   

МВР поднесе кривична пријава против заразената ексдиректорка на Клиниката за дерматологија

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против поранешната директорка на Клиниката за дерматологија, Нина (Цаца) Билјановска, која спротивно на препораките од Владата, по враќањето од Италија, не се самоизолирала. Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, денес извести дека ексдиректорката се вратила од Италија на 29 февруари. Коронавирусот ѝ беше потврден на 8 март, а во меѓувреме таа одела на работа и присуствувала на симпозиум, на кој имало повеќе од 100 здравствени работници. Поради контактот со ексдиректорката, во изолација се околу 200 лица.

„Поранешната директорка направила влез во државава на 29 февруари. Против неа и против сите лица што не ги почитуваат препораките, во согласност со членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, поднесена е соодветна пријава до Обвинителството“, рече денес министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Членот 205 од Кривичниот законик се однесува на кршење прописи или наредби, со што се предизвикува пренесување заразна болест, а по член 206 се казнува сторител кој за време на епидемија на опасна заразна болест не постапил според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување.

Од Обвинителството велат дека до овој момент немаат обвинение за ексдиректорката, а кај нив сè уште не е стигната ниту пријавата од Министерството за внатрешни работи.

Кога на ексдиректорката ѝ беше потврден коронавирус, затворен беше целиот оддел. Сите вработени се во изолација. Билјановска минатата недела беше разрешена од функцијата директор на Клиниката. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека досега кај ниту едно лице поврзано со ексдиректорката не се појавиле симптоми на болеста. Ексдиректорката се лекува на Клиниката за инфективни болести.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико