Правдико

   

МЗ предлага закон за употреба на канабис во медицински цели

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерството за здравство во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија подготви Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели во Република Македонија. Се очекува негова имплементација во февруари.

nikola-todorov_0

Според Предлог-законот, канабисот ќе може да се произведува и користи само во Македонија. Ќе може да го произведуваат само правни лица.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека Предлог-законот за легализација на канабисот во медицински цели ќе биде поднесен во владина процедура, а в недела ќе организираат уште една јавна расправа за да слушнат и дополнителни предлози, сугестии и забелешки во насока на подобрување на Предлог-законот.

На овој начин, посочи министерот, практично се следи и развојниот тренд во Европската унија каде до октомври вкупно 13 земји овозможија употреба на препарати на база на коноп во медицински цели, а тоа се Чешка, Финска, Романија, Италија, Шпанија, Холандија, Франција, Австрија, Португалија, Германија, Англија, Словенија и Хрватска.

Употребата на канабис во медицински цели, појасни Тодоров, во никој случај не смее да претставува самолекување, туку лекување со медицинска препорака, под медицински надзор, и истото нема да претставува замена на конвенционалната медицинска терапија.

– Имајќи предвид дека досега употребата на канабисот во медицински цели не е регулирана со закон и користењето се смета за злоупотреба, овие законски измени ги правиме со цел на пациентите да им се овозможи достапност до овие производи со строго контролиран состав и квалитет. Целта е да се регулира одгледувањето, преработката и прометот на препаратите на база на коноп исклучиво во медицински цели, рече Тодоров.

Нагласи дека во делот на одгледување, според Предлог законот, одгледување ќе може да вршат само правни лица, на начин сличен како и одгледувањето, преработката и прометот на афион во медицински цели (што е веќе од 2008 година регулирано со Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции). За одгледувањето, потенцира министерот, правното лице треба да има обезбедено соодветен простор кој треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри, 24-часовен видео-надзор, 24-часовно физичко обезбедување, со контролиран семенски материјал со одреден квалитет, за кој одобрение за увоз дава Министерство за земјоделство, шумарсто и водостопанство.

Правните лица ќе мора да обезбедат соодветен простор за одгледување, просторија за сушење после берба, и просторија каде ќе се пакуваат и ќе се складираат овие препарати.

– Врз основа на исполнетоста на овие критериуми, Министерството за здравство ќе издава дозвола за одгледување на канабис за медицински цели. Целиот процес ќе биде надгледуван од две одговорни лица – агроном од насока полјоделство и фармацевт, со најмалку три години работно искуство. Покрај одгледувањето, детално ќе се регулира и процесот на производство на масло од суровината. Веќе е изготвен Предлог правилник за регулирање на условите за простор, опрема и кадар за добивање на екстракти од ова растение, истакна Тодоров.

Во делот на простор, посочи, дел од предвидените услови се: магацински простории за прием, сместување и чување на суровини, простории за производство на екстракти и пакување на производите, простории за контрола на квалитетот на суровините, материјалите за пакување на екстракти, и други, а контролата на квалитет треба да се врши во посебно опремена контролна лабораторија, која минимум треба да има: просторија за физичко-хемиска контрола и просторија за контрола на микробиолошка чистота.

– Во делот на кадар, правното лице мора да има вработено одговорно лице за производство на секоја серија на екстракт, одговорно лице за контрола на квалитетот на секоја серија на лек и одговорно лице за ставање на серија на лек во промет, а со стекнато соодветно образование односно специјализација во областа, рече Тодоров и додаде дека предвидена е одредба според која, конопот одгледан во Република Македонија може да се обработува само во Република Македонија, исклучиво од правно лице кое има одобрение за производство на екстракти од коноп, што значи дека правното лице не може конопот како суровина да го извезува ниту да го продава, туку истиот ќе мора да го преработува во Македонија.

Укажа дека ќе биде комплетно и детално регулиран начинот на издавање на овие препарати во аптеките и оти во тој дел изготвиле Предлог правилник во кој е точно и прецизно наведено кои лекари-специјалисти и за кои индикации може да препишат ваква терапија (како на пример: за болка, за ХИВ, за онколошки заболувања, и сл.) и во која максимална доза може да се издава месечна терапија.

– За издавањето на препаратите ќе се води детална евиденција во Книга за наркотика во аптеката, односно ќе се евидентираат лични податоци за пациентот кој ја користи терапијата (или за лицето кое во име на пациентот ја подигнува терапијата), лекарот кој ја препишува терапијата, и дијагнозата на пациентот. За постапувањето спротивно на овој Закон, во делот на одгледување, производство на екстракти и издавање на препаратите, се предвидени соодветни кривични дела и прекршочни санкции, рече Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека Предлог-законот е веќе влезен во процедури, што значи ќе почнат процедура на усогласување со Секретаријат за законодавство, со другите министерства за да дадат свои мислења, но и паралелно ќе одат со јавна дебата.

– Идејата е до недела да ги имаме мислењата од стручната и пошироката јавност, потоа наредната недела ако можеме да ги обезбедиме сите мислења во рамки на владината процедура и потоа да се стави на разгледување на владина седница, по што ќе биде испратен во Собрание за донесување. Очекуваме оваа процедура да трае околу два месеца по што ќе стапи на сила Законот и ќе отпочнеме со негова имплементација во февруари, истакна Тодоров.

Според него, ќе има сериозен интерес и од домашни и од странски компании да произведуваат коноп во Македонија и тој да се преработува во Македонија и во Македонија да се произведува лекот односно екстрактот од канабис и да се најде во аптеките и да биде достапен до пациентите.

– Лекот ќе биде на рецепт, ќе го препишува специјалист во болничка установа. Мора да имаме строга контрола, а лекот ќе се најде во аптеките како лек за кој ќе се плаќа. Очекуваме дека тоа ќе биде пониска цена, рече Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање.

Извор: Телма

Партнери на Правдико