На 23 мај ново рочиште за „Маѓар Телеком“ во Македонија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Иако обвинетите Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, кои се товарат за злоупотреба на службената положба, шест години се недостапни за органите на прогонот, на 23 мај, во Кривичниот суд е закажано ново рочиште за предметот „Маѓар Телеком“.
Од Кривичниот суд за Макфакс потврдија дека последното рочиште за овој предмет е од 20 април, а било одложено бидејќи не бил присутен јавниот обвинител, кој уредно го известил судот дека е спречен да присуствува на рочиштето.
За овој предмет прво постапувал судијата Седат Реџепагиќ, првото рочиште било закажано на 26.10.2011 година и до крајот на 2014 година биле закажани вкупно 8 рочишта кои биле одложени бидејќи обвинетите не биле присутни или не било добиено известие дали истите се уредно повикани на рочиште.
Согласно годишниот план за работа на судот, предметот потоа е наследен од судијата Александар Милошевски и биле закажани 3 рочишта во текот на 2015 година кои биле одложени бидејќи судот не добил известие дека обвинетите се уредно повикани или поради отсуство на еден бранител.
Судењата биле закажувани со ова темпо, по 2 до 3 во текот на годината со оглед на тоа што судот барал, со замолница преку Министерството за правда на Р Македонија, по дипломатски пат на обвинетите да им се достават обвинителен акт и покана за расправа, преведени на нивниот јазик, во матичната земја на адресите што се дел од списите на предметот, истовремено што за реализирање на меѓународна замолница се потребни 6 месеци, а тој процес воопшто и не е во надлежност на судот. Согласно годишниот план за работа, предметот потоа го наследува судија Ленка Давиткова и во текот на 2016 година биле закажани вкупно 9 рочишта од кои 5 биле одржани, а 4 се одложиле по барање на одбраната, отсуство на бранител или барање за увид во предметот.
Во 2017 година биле закажани вкупно 7 рочишта, од кои 5 биле одржани, а две се одложиле по барање на странките, вклучувајќи го и последното од 20 април. Предметот е во фаза на доказна постапка, односно сослушување на сведоци при што досега сослушани се сведоци предложени од обвинителството и еден сведок предложен од одбраната.
Aдвокатот Ненад Јанаќиевиќ не беше достапен за коментар. Случајот „Маѓар телеком“ финишира во САД, а кај нас заглавен во обвинителствата и во судовите. Во Македонија во моментов се водат две постапки за „Маѓар телеком“, кои, иако се почнати поодамна, намерно или не, никако да мрднат од мртва точка. Поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб и Андрас Балог, кои беа обвинети за водење тајни договори со премиер и со други лица од Македонија за да ја спречат конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, се спогодиле да платат парични казни од 250.000, односно 150.000 долари, соопшти Американската комисија за хартии од вредност.
Васко Маглешов
Извор: Макфакс