На Денот на толеранцијата Македонија организираше национална дискусија за говорот на омразата
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Македонија го одбележа Денот на толеранцијата на 15-ти ноември со национална дискусија за говорот на омразата, во обид да обезбеди поголема верска толеранција и етничко разбирање.
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), со поддршка на ОБСЕ, ги покани академиците, политичарите, граѓанското општество и верските водачи откако во медиумите се појави видео-снимка на која имам од Гостивар повикува на бојкот на македонските производи и услуги. Снимката беше најнова од серијата инциденти на верска основа, кои предизвикаа тензии.
Сите учесници на дискусијата го осудија говорот на омраза и рекоа дека не треба да се штедат напори за постигнување единство и поголемо разбирање меѓу општествените чинители.
Дискусијата заврши со заклучок да се подготви декларација за соработка за сите верски заедници во Македонија, која ќе биде наскоро потпишана, рече Владо Камбовски, претседател на Академијата.
„[Tоа е поради тоа што] не смееме да експериментираме на тоа подрачје, ниту да го претвораме во полигон на политички и други пресметки кои се смислени да се придобијат одредени политички поени“, рече Камбовски за SETimes.
Декларацијата е заснована на Европската декларација за човекови права. Со нејзиното потпишување, сите верски заедници се обврзуваат на почитување на верските слободи, како и на јазичната и културната различност на сите други.
Камбовски рече дека е неопходен проактивен пристап — за одговорност на луѓето, бидејќи етичките вредности понекогаш се поттурнати од материјалистички, политички и другите краткорочни интереси.
Камбовски, исто така, рече дека Академијата ќе продолжи да нуди и дава предлози слични на оваа декларација, за да се елиминира говорот на омраза, како и дека ќе ги охрабрува сите надлежни институции истите да ги спроведуваат.
Експертите велат дека смирувањето на меѓуверскиот и другиот говор на омраза изискува подобрување на политичката клима која истиот го овозможува и додаваат дека ваквите пораки најчесто се изразуваат преку медиумите.
„Планираме да оформиме Совет на етика како саморегулаторно тело за заштита на јавниот интерес“, изјави за SETimes Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.
Најновите анкети на јавното мислење покажуваат дека 60 отсто од македонските граѓани ја идентификуваат меѓуверската толеранција во земјата, додека половина од испитаниците рекле дека знаат пет главни верски заедници во земјата.
Националната дискусија за Денот на толеранцијата се совпадна со Меѓународниот ден на толеранцијата, кој некои групи на граѓанското општество го одбележуваат за правата на хомосексуалците и жените.
Истиот уследи по неколку инциденти, вклучително и напад врз осуммина ученици во автобус во етнички и верски мешаното село Стајковци, во близина на Скопје.
Иако е добро да се пропагира толеранцијата, властите треба да дејствуваат неселективно кога станува збор за заштитата на животот и имотот на сите граѓани, како еднакви пред законот, рече Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
„Нападите врз македонските ученици во автобусите и на јавните места се повторуваат и се чини дека се користат за одредена цел. … Полицијата ги расчистува поединечните случаи, меѓутоа Светскиот македонски конгрес ги повикува надлежните органи и јавноста на широка дебата за етничката, расната и верската омраза, како и на тероризмот во земјата, со цел да се дојде до превентивни мерки против насилствата“ рече Петров за SETimes.
Сите форми на говор на омраза се опасни, вели Бранко Наумовски, претседател на македонскиот Уставен суд.
„Лекот за сиве овие е толеранцијата. Сега кога ја поставивме дијагнозата, треба да преземеме и акција, т.е. да покажеме проактивен однос кон овој филозофски принцип“, рече Наумовски за SETimes.
Извор: SETimes.com