На Денот на жената се бара пристап до правда за жртвите на семејно насилство | Правдико

Правдико

   

На Денот на жената се бара пристап до правда за жртвите на семејно насилство

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените -ЕСЕ, изразува загриженост за лимитираниот прогрес на државата на полето на постигнување на родова еднаквост и справување со родовото базирано насилство.

Воедно, значајно е да се напомене дека жените жртви на насилство се соочуваат со недоволна и неефикасна правна и судска заштита. Особено изразуваат загриженост за новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство кој не може да обезбеди ефикасна и доследна примена во пракса.

Законски предвидените итни рокови за предлагање и изрекување на Привремени мерки за заштита од семејно насилство не се почитуваат од страна на надлежните институции како што се Центрите за социјална работа, полициските станици и граѓанските судови. Ваквите состојби во дел се должат на непостоење на институционални капацитети за соодветна проценка на ризик, но и на непостоење на дежурни служби за постапување во случаи на семејно насилство.

Дополнително, предвидената прекршочна глоба за непочитување на изречените привремени мерки за заштита од страна на насилникот доведуваат до негово амнестирање за стореното насилство.

Се уште постои тренд на поблаго казнување на сторителите на семејно насилство за разлика од оние предвидени во Кривичниот законик. Според прегледот на набљудувани судски случаи на семејно насилство (март 2015-октомври2016) за кривичното дело телесна повреда изречени се 17 пресуди од кои 10 условни осуди, а пак за делото тешка телесна повреда, изречени се шест пресуди од кои дури четири условни осуди и една ослободителна пресуда.

Мал дел од поднесените кривични пријави за сторено семејно насилство се процесуираат. Според анализата од прибраните податоци од основните судови, една четвртина од поднесените кривични пријави уште во текот на обвинителската постапка се отфрлаат. Од отфрлените кривични пријави, во просек 44 отсто се резултат на повлекување на предлогот за кривичен прогон од страна на жртвата за кривично дело телесна повреда при семејно насилство. Оттука, сосем јасно произлегува дека жртвата за кривичното дело телесна повреда при семејно насилство, директно или индиректно било од насилникот било од блиски роднина е приморана да го повлече предлогот, а со самото тоа сторителот да не биде изведен пред суд и казнет.

Жртвите на семејно насилство немаат пристап до ефективна правна помош.

Државата не обезбедува ефективна правна помош за жртвите на семејно насилство, со оглед на фактот дека дури и во случаите во кои била одобрена бесплатната правна помош, државата не ги покрива трошоците за судски такси и судско вештачење. Во ваква ситуација овие трошоци без кои е скоро невозможно да се водат судски постапки за заштита од семејно насилство, паѓаат на товар на самите жртви или на товар на здруженијата на граѓани каде што жртвите најчесто се обраќаат. Следствено на ова, средствата кои ги алоцира државата за оваа намена не се доволни за да обезбедат соодветна и сеопфатна правна заштита на жртвите на семејно насилство. Имено, за разлика од потрошените годишни средства во износ од 11.950 евра за бесплатна правна помош за сите ранливи категории на граѓани, државата треба да алоцира 91.247 евра за сите видови на трошоци за бесплатна правна помош единствено за жртвите на семејно насилство.

Здружението ЕСЕ бара од државата да обезбеди доследна имплементација на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, како и обезбедување на достапна и сеопфатна бесплатна правна помош и застапување за жртвите на семејно насилство.

Извор:Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико