На пешаците им треба едукација за да си го заштитат животот | Правдико

Правдико

   

На пешаците им треба едукација за да си го заштитат животот

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Една четвртина од вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во земјава се пешаците. Ова го покажува најновото истражување на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), каде што се вели дека на годишно ниво од 30 до 35 пешаци во Македонија го губат животот во сообраќајни несреќи, а само минатата година имало 35 жртви од кои половина биле на возраст над 65 години.

Од РСБСП објаснуваат дека една од првите животни и училишни лекции на секој човек е како безбедно да се премине улицата, но сепак, сите не научиле или барем тоа не се покажува во секојдневната практика.

– Улицата се преминува исклучиво на пешачки премин откако претходно ќе се уверите дека возилата што се движат по коловозот може безбедно да застанат. Важно е да се истакне дека во сообраќајот не постои апсолутно право на првенство на минување и пешачкиот премин го означува местото каде што се преминува улицата, а моментот на преминување зависи од случувањата во сообраќајот. На јавен пат, пак, каде што има обележани пешачки премини, пешакот е должен при преминувањето на патот да се движи по тие премини, освен ако тие од него не се оддалечени повеќе од сто метри – велат од РСБСП.

Исто така, оттаму советуваат дека на крстосница каде што има светлосни сообраќајни знаци што го регулираат пешачкиот сообраќај, пешакот е должен да ја премине улицата само кога свети зеленото светло за пешаци.

– Пешакот не смее да се движи или непотребно да се задржува на коловозот, освен во ситуации предвидени со законот. Ако пешакот се движи по коловозот во случај каде што нема тротоари или пешачка патека, тој задолжително треба да се движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата. Во таков случај, пешаците треба да користат најмногу еден метар широк дел од коловозот.

Исто така, на јавен пат каде што има тротоар или друга површина определена за движење на пешаците, односно површина покрај коловозот погодна за движење на пешаците, пешакот е должен да се движи по тие површини – објаснуваат од РСБСП.

Во листата со совети за граѓаните се наведени и пешаците што туркаат рачна количка, велосипед или мотор, како и лицата што се движат со помош на подвижни столови за немоќни лица со брзина не поголема од брзината на човечкото одење.

Експертите потсетуваат дека сообраќајните правила и прописи се важни, а исто така важни се и добрите навики и корисните практики, кои можеби не се предвидени со законот, а кои може значително да ја подобрат безбедноста на пешаците во сообраќајот.
– Наспроти сите сообраќајни правила и прописи и добри практики, повеќето од пешаците се однесуваат крајно неодговорно и на тој начин го загрозуваат сопствениот живот и безбедното одвивање на сообраќајот. Секојдневните примери покажуваат дека пешаците ја поминуваат улица на црвен пешачки семафор, надвор од пешачки премин без да погледнат лево и десно, се движат помеѓу двете коловозни ленти, го пресекуваат текот на сообраќајот кога и каде ним им одговара, непотребно се задржуваат на коловозот, користат мобилни телефони, слушаат музика и не ги следат сообраќајот и случувањата во сообраќајот – велат од Републичкиот совет.

Како што во Македонија изминатите три години не се бележи подобрување на црните статистики, слична е и ситуацијата речиси во цела Европа.

Имено, според податоците што неодамна ги објави Еуростат, лани во земјите од Европската Унија загинале околу 26.100 лица или секој ден имало најмалку по 71 жртва. Споредбено со преклани, не се бележи никакво подобрување, напротив бројот на згаснатите животи се зголемил за половина процент бидејќи во 2014-та загинале стотина лица помалку.

При споредба на состојбите од пред 20 години, пак, постои огромна разлика во ваквите црни статистики. Во 2015 година има околу 38.000 или речиси 60 отсто помалку загинати од 1995 година, кога бројката на згаснатите животи изнесувала близу 64 илјади.

ОПАСНИ СООБРАЌАЈНИЦИ
Во долгата листа опасни сообраќајници според надлежните се наведуваат булеварите Илинден, Партизански одреди, Борис Трајковски, Кузман Јосифовски-Питу, Теодосиј Гологанов, Александар Македонски и Кочо Рацин, а исто така наведени се и улиците Васил Ѓорѓов, Цветан Димов, Ѓорче Петров и Дванаесетта македонска бригада.

– Една од црните точки се наоѓа на булеварот Партизански одреди, на пешачкиот премин кај Универзалната сала, каде што минатата година настрада девојка. Исто така, на овој булевар минатиот месец, кај „Симпо“, се случи сообраќајка во која загинаа две лица – наведуваат од РСБСП.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико