На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список | Правдико

Правдико

   

На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Ноќеска на полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дисјаспората. На овој датум завршува и поднесувањето на барањата на граѓаните за запишување, дополнување или бришење податоци во Изборачкиот список.

Јавниот увид во Избирачкиот список се спроведува во подрачните одделенија и канцеларии на
Државната изборна комисија, во време од 08:30 до 19:00 часот, вклучувајќи ги и деновите од викенд и празници.

Списокот на адреси на подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и други
подетални информации граѓаните  може да се најдат на официјална веб страница на Државната изборна комисија.

Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список, граѓаните
можат да ги поднесат само во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија.

Според портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска  до завчера вкупно 50.572 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии и оти се донесени 119 решенија за запишување во Избирачкиот список, 107 решенија за бришење од Избирачкиот список, како и 29 решенија за промена на податоци во Избирачкиот список.

Во тек е и пријавувањето за гласање во странство, а до завчера биле поднесени само 920 пријави, од кои пет се одбиени.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Во претседателската трка ќе учествуваат Гордана Силјановска – Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река.

Силјановска-Давкова, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ собрала 15.926 потписи, а Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, собрал 31.729 потписи. Блерим Река, поддржан од Алијанса на Албанците и движењето Беса, собрал 11.128 граѓански потписи.

Пендаровски и Силјановска-Давкова имаат поддршка и од најмалку 30 пратеници.

И покрај тоа што кампањата за претседателските избори не е почната и до нејзиниот старт има половина месец, кандидатите за претседателската функција веќе се во неформална кампања, одржувајќи прес-конференции, средби со граѓани, објавувајќи статуси на социјалните мрежи…

Пендаровски, Силјановска Давкова и Река треба да ги достават кандидатурите до Државната изборна комисија најдоцна до 21 март, кога и официјално ќе станат кандидати за претседател на државата.

Кампањата за претседателските избори почнува на 1 април. Според ДИК, иако претседателските кандидати и пред нејзиниот старт веќе се активни на терен, сите нивни активности до поднесувањето на кандидатурите се сметаат за партиски средби.

Според членот 69-а од Изборниот законик за „изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми”

Извор: НоваТВ

Препорачуваме

Партнери на Правдико