Над 1.000 мигранти заглавени на Табановце, сите очи вперени кон самитот во Брисел | Правдико

Правдико

   

Над 1.000 мигранти заглавени на Табановце, сите очи вперени кон самитот во Брисел

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Над 1.000 мигранти од Сирија и Ирак во моментов се заглавени кај Табановце, на македонско – српската граница бидејќи српските власти одбиваат да ги пропуштат и да им дозволат транзит понатаму по балканската рута, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Idomenireportaza-Meta-7

Во меѓувреме на јужната граница, според информации од грчка страна, воведени се дополнителни ограничувања за сириските државјани, односно не им се дозволува влез во Македонија, на оние мигранти од Сирија кои доаѓаат од подрачја кои не се зафатени од воени дејствија.

ОД МВР во врска со оваа информација велат дека доколку некоја од земјите на балканската рута воведе вакви ограничувања, Македонија ќе биде приморана да воведе забрана за влез на мигранти од одредени подрачја од Сирија и Ирак.

– Ирак и Сирија ги сметаме за небезбедни земји, но, доколку некоја од земјите на рутата воведе нови ограничувања, ќе бидеме приморани да ја разгледаме можноста за нивна примена и на македонско – грчката граница, вклучувајќи забрана за влез на мигранти од одредени подрачја. Од критериумите на другите држави на рутата ќе зависат и критериумите кои ќе се применуваат на македонско – грчката граница. Впрочем, во овој момент на македонско – српската граница се заглавени преку 1.000 мигранти, во најголем дел токму од Сирија и Ирак, за кои не знаеме од кои причини не им е одобрен транзит низ Република Македонија – велат за „Мета“ од МВР.

Од Министерството информираат дека проверките на условите за влез на мигрантите во земјава, на хуманитарна основа се вршат „согласно националното законодавство и заеднички критериуми договорени помеѓу земјите на рутата“.

Проверките и профилирање го вршат мешани тимови од полициски службеници на сите држави.

Истовремено, како што информираат од МВР, сите очи се вперени кон Брисел, каде се одржува вонредниот самит меѓу Европската унија и Турција, на кој се очекува да биде договорена новата стратегија за справување со мигрантската криза во Европа.

– Нашите натамошни постапки и чекори ќе зависат од тоа што ќе биде договорено на самитот во Брисел – ни одговорија од МВР.

Извор: Мета

Препорачуваме

Партнери на Правдико