Над 3.000 американски затвореници отслужуваат казна доживотен затвор за лесни кривични дела
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Во 12:40 часот, на 2 јануари во 1996 година, Тимоти Џексон земал јакна од продавница во Њу Орлеанс, ја сокрил и излегол од продавницата без да ја плати јакната. Тој бил фатен од обезбедувањето на излезот и неколку месеци подоцна бил обвинет за кражба и испратен во затвор во Луизијана. Тоа било пред 16 години. Денес, тој сè уште се наоѓа во истиот затвор и ќе остане таму до крајот на својот живот бидејќи бил осуден на доживотен затвор без право на условно пуштање.
Џексон (53) е еден од 3.281 затвореници во САД кои отслужуваат доживотен затвор без можност за условно пуштање на слобода за лесно кривично дело. Некои од нив, како Џексон, ја добиле најлошата казна по смртната. Еден од нив бил осуден на доживотен затвор за кражба на бензин од камион, друг за кражба на алат, додека трет за обид за кеширање украден чек.
Илјадници животи биле уништени и исто толку семејства биле растурени поради доживотното осудување на лица за лесни кривични дела. Од друга страна, некои лица кои убиле луѓе добиваат ограничен период во затвор.
Луизијана е еден од деветте држави кадешто затворениците отслужуваат доживотен затвор без можност за условно пуштање поради ненасилни криминални дела. Другите држави се Алабама, Флорида, Мисисипи, Оклахома и Јужна Каролина. Во Луизијана, досега речиси сите пресудени казни (98%) биле задолжителни, односно судиите морале да ја извршат таа пресуда. Поголемиот дел од „ненасилните“ криминалци (2.000 од 3.281) биле осудени на доживотен затвор без право на условно пуштање од страна на федералната влада.
Сè до раните седумдесетти години од изминатиот век, пресудите без право на условно пуштање биле многу поретки. Меѓутоа, тие „експлодирале“ како дел од таканаречената „американска опседнатост со масивното затворање и нечовечките, екстремни казни кон крајот на дваесеттиот век“.
САД е една од малкуте земји кои пресудуваат доживотен затвор за лесни кривични дела. Впрочем, доживотниот затвор без право на условно пуштање се смета за нарушување на човековите права од страна на Европскиот суд за човекови права. Велика Британија е една од двете европски земји кои сè уште ја одредуваат казната, и тоа само во 49 случаи со убиство.
САД има најголем број затворања во светот, со 2,3 милиони луѓе во затвор. Од затворениците кои отслужуваат доживотен затвор без право на условно пуштање за лесни кривични дела, приближно 80% се осудени за криминал поврзан со дрогата. Дрогата е присутна и во случајот на Тимоти Џексон. Тој бил под дејство на дрога кога ја извршил кражбата.
Американскиот сојуз за заштита на граѓанските права порачува дека е време за промени. Според нив, постојат алтернативи, како пократки периоди на затвор, кои може да бидат применети. Организацијата ги повикува властите да стават крај на доживотниот затвор без право на условно пуштање за лесни кривични дела и ново сослушување за оние кои веќе се осудени на споменатата казна.
Автор: Драгана Петрушевска
–ПРАВДИКО–