Над 30 илјади евра украдени во три кражби во тетовско и гостиварско
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Најголемата кражба на пари со вкупна вредност од над 22 илјади евра е склучена во тетовско Боговиње. Во вторникот во периодот помеѓу 1 и 6 часот, засега непознати сторители во куќата на 51-годишник додека домашните спиеле, насилно ја отвориле влезната врата, откако целосно ја демонтирале цилиндер бравата, влегле и ги одзеле панталоните на сопственикот, во кои имало 20 илјади денари во разни апоени. Потоа од закачалка одзеле јакна во која се наоѓале 20 илјади евра во разни апоени, паричник со 400 евра и лични документи на пријавителот, како и несесер со 120 илјади денари. Со одземеното, незабележани од никого, ја напуштиле куќата, противправно стекнувајќи се со вкупна имотна корист која се проценува на милион и 400 илјади денари, соопштија од СВР Тетово.
Речиси 7.000 евра пари и златен накит се украдени од триесет и четиригодишен гостиварец. Тој пријавил дека во вторникот во периодот помеѓу 12 и 14 часот, засега непознати сторители извршиле тешка кражба во неговиот стан на улица „Илинденска“ во Гостивар. По насилното отворање на двокрилната блиндер-врата, влегле внатре и од спалната одзеле 2500 евра во разни апоени, а од украсна кутија одзеле 7 парчиња разновиден златен накит, стекнувајќи се на тој начин со имотна корист која се проценува на 430 илјади денари.
Дваесетгодишник од Боговиње, пријавил дека во вторникот помеѓу 1 и 7 часот и 30 минути, непознати сторители извршиле кражба во неговата куќа и го оштетиле за речиси 3.000 евра. На неутврден начин и без да ја оштетат вратата, влегле, ги пребарале сите простории и од панталони во собата во која спиел пријавителот одзеле 3500 швајцарски франци и 6000 денари во разни апоени, како и црна чанта со различни документи, која нешто подоцна била пронајдена во близина. Со одземеното, стекнувајќи се со имотна корист која се проценува на 180 илјади денари, крадците незабележани ја напуштиле куќата.
Извор: Нова Македонија