Надградба или анализа на рамковниот договор?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Владата во соработка со ОБСЕ и Институтот за мир подготвува анализа за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, која треба да биде готова до декември, кога ќе се организира меѓународна конференција
Без детали и конкретни податоци за одредени проблематични точки помина она што беше најавено како презентација на анализата на Рамковниот договор, на која учествуваавицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор, Муса Џафери, новата шефица на мисијата на ОБСЕ, Нина Соумалајнен, како и Питер Фејт од Европскиот институт за мир, човекот кој помогна во разврската на конфликтот во 2001 година.
Денешната средба со новинарите практично може да се оцени како најава за она што треба да следи во декември – голема меѓународна конференција со присуство и на членови на Советот на Европската унија, на која ќе биде тргнат превезот на тајноста и од која треба да произлезат препораките и следните чекори во насока на подобрување на спроведувањето на Охридскиот договор, за кој еврокомесарот Јоханес Хан, при последната посета на Скопје рече дека е еден од главните столбови на евроинтегративниот пат на земјава.
Она што остави посебен впечаток на презентацијата е различната терминологија што ја користат тројцата главни актери при именувањето на процесот кој се одвива во моментов. Ако за Соумалајнен и Фејт тој претставува и „надградба“ и „ревизија“ на Рамковниот договор, за Џафери тоа е само анализа. Никој не правел ревидирање, туку под лупа се гледало што било направено досега. Барем така рече Џафери.
Сакајќи да ја намали спектакуларноста на „анализата на договорот“, која ја прави Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, ОБСЕ, и Европскиот институт за мир, кој се вклучува на барање на Владата, Фејт рече дека тоа се случува и во други земји каде што имало сериозен конфликт, па потоа следел договор за мир. Анализа темелена на статистички и демографски податоци, според него, ќе биде од корист за земјата. Тој, како што нагласи, е отворен за сугестии, но сопственоста на анализата како и одговорност и’ припаѓа на Владата.
Инаку, анализата ќе опфаќа неколку области – правична застапеност, децентрализација, употреба на јазици, образование, недискриминација и застапеност на помалите етнички заедници. Џафери најмногу се задржа на правичната застапеност и јазикот. Без да располага со прецизна бројка за тоа колку изнесува државната и јавната администрација, како и точната бројка на Албанци вклучени во неа, тој рече дека „се’ уште не е постигната правичната застапеност“.
„Не се само битни бројките, важно е нивото на нивната вклученост, дали се вклучени на вистинските места. Конечно, не е целта само да се има бројки за Македонците и Албанците, важни се и другите етнички заедници Србите, Власите, Турците“, рече Џафери.
Како директен актер во спроведувањето на владините политики тој призна дека долго трае трката по вработувања и дека таа партија која нуди најмногу вработувања има поголема можност да ги добие изборите.
На прашањето зошто и по 15 години уште зборуваме за имплементација и анализа на Рамковниот договор, Џафери рече дека партиите не гледаат исто на Охридскиот договор и дека тие се поделени по етничка основа, како и дека се создала атмосфера во општеството оние што го подржуваат да се сметаат за предавници.
„Сега можеби требаше да разговараме за Уставот и дали треба да се смени јазикот на највисокиот правен акт за вклучување на попрецизни формулации, амандмани кои се однесуваат на употребата на јазикот и застапеност на малцинствата во институциите. Не треба да се разбираме со слушалки, туку треба да го знаеме јазикот на другиот, затоа што тоа значи напредок во толеранцијата на различноста“, рече Џафери.
Анализата на Рамковниот договор е дел и од разговорите на работните групи кои работата на решавање на политичката криза.
Според политичките посматрачи постои намера Рамковниот договор да се наметне како една од предизборните теми. Не сакајќи да ја минимизираат важност на договорот, тие помалку се зачудени што сето тоа се случува во моментите кога политичката криза како никогаш досега ги обедини Македонците и Албанците во борбата за демократските придобивки и расчистувањето со корупцијата.
Извор: Утрински Весник