Кои се надлежностите на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) | Правдико

Правдико

   

Кои се надлежностите на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК)

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ubkУправа за безбедност и контраразузнавање е орган во состав на Министерството кој ги врши внатрешните работи поврзани со безбедноста и контраразузнавањето. Внатрешната организациска поставеност на Управата за безбедност и контраразузнавање , се заснова на линиски и територијален принцип. Во Управата може да се формираат посебни организациски единици за извршување на работите од нејзина надлежност и организациски единици за извршување на стручни работи за потребите на Управата.

Надлежности на Управата

Управата е надлежна за вршење на внатрешните работи поврзани со безбедноста и контраразузнавањето за работи кои се однесуваат на:

– контраразузнавачка активност,
– спротивставување и заштита од тероризам,
– заштита од други активности насочени кон загрозување или насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија и
– потешки форми на организиран криминал кој потекнува од или е насочен кон демократските институции на системот утврдени со Уставот на Република Македонија и може да доведе до нивно загрозување или да има влијание врз безбедноста на државата.

Со Управата раководи директор кој на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија, за време од четири години. Директорот може да биде разрешен по негово барање, кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеци или заради несовесно и нестручно вршење на работата.

Директорот е самостоен во извршувањето на работите на Управата и за својата работа му одговара на министерот и на Владата на Република Македонија.

-Upload--Vesti-lustracija_2013103141947Надлежност во собирање податоци

Во вршењето на работите од својата надлежност работниците на Управата можат да собираат податоци, известувања и информации од граѓани, со користење на јавни извори, вклучувајќи увид во регистри и збирки на податоци, како и со примена на посебни мерки и постапки за тајно собирање на податоци согласно со закон. Собирањето на податоци од граѓани може да се врши само со претходна согласност на лицето со кое се врши разговорот.

Во вршењето на работите од својата надлежност, Управата може да побара податоци од други државни органи, јавни претпријатија и други правни лица и да изврши увид во нивните регистри и збирки на податоци согласно со закон. Државните органи, јавните претпријатија и другите правни лица се должни на Управата да и овозможат непречено вршење на работите од нејзина надлежност.

Собирање на податоци со користење на тајни соработници

Управата може да собира податоци со користење на тајни соработници. Соработката со државјани на Република Македонија и со странци се воспоставува на доброволна основа и никој не смее да биде присилен да биде таен соработник на Управата.

sobranieПрограма и извештај до Комисијата на Собранието за работата на Управата

До Комисијата на Собранието Управата доставува програма и извештај за работа. Програмата се доставува до крајот на јануари за тековната година, а извештајот за работа за претходната година се доставува до крајот на февруари наредната година.

На барање на Комисијата на Собранието, Управата овозможува увид и ги дава на Комисијата на Собранието потребните известувања, податоци и информации од делокругот на работа на Комисијата на Собранието што се однесуваат на постапката на извршување на работите во надлежност на Управата. Сите податоци, известувања и информации доставени до Комисијата на Собранието или изнесени на седница на Комисијата, претставуваат информација со соодветен степен на класификација.

Членовите на Комисијата на Собранието се должни да ги заштитуваат класифицираните информации за кои дознале или до кои имале пристап во текот или во врска со работата во Комисијата на Собранието, согласно прописите од областа на класифицираните информации. Обврската за заштита на тајноста на класифицираните информации продолжува и по престанувањето на функцијата – член на Комисијата на Собранието, односно со престанок на мандатот во Собранието, согласно со прописите од областа на класифицираните информации.

Извештај до Собранието за работата на Комисијата

Комисијата на Собранието до Собранието доставува извештај за извршената работа најмалку еднаш годишно. Извештајот на Комисијата претставува класифицирана информација со степен на класификација соодветен на степенот на класификација на извештајот доставен од страна на Управата. Заклучоците во врска со извештајот на Комисијата на Собранието, Собранието ги доставува до Владата на Република Македонија.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико