Надомест на нематеријална штета | Правдико

Правдико

   

Надомест на нематеријална штета

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

judge-fines-himselfНематеријалната штета, согласно Законот за облигационите односи, претставува штета предизвикана со повреда на личните права. Како лични права, во смисла на овој закон, се подразбираат правата на живот, телесно и душевно здравје, чест, углед, достоинство, лично име, приватност на личниот и семејниот живот, слобода, интелектуално творештво и други лични права. Правните лица ги имаат сите наведени лични права, освен оние кои се врзани за биолошката суштина на физичкото лице, а особено правата на добар глас и углед, назив односно фирма, деловна тајна, слобода на претприемништво и други лични права на овие лица.

Кои лица имаат право да бараат надомест на нематеријална штета?

Право да бара надомест на нематеријална штета има:

а) Секое физичко и секое правно лице чии лични права се повредени и кое како резултат на таквата повреда претрпело нематеријална штета.

б)Секое правно лице чии лични права се повредени и кое како резултат на таквата повреда претрпело нематеријална штета.

в) Во случај на смрт или тежок инвалидитет на некое лице – членовите на неговото потесно семејство (брачениот другар, децата и родителите), како и браќата и сестрите, дедовците и бабите, внуците и вонбрачниот другар, доколку помеѓу нив и умреното, односно повреденото лице постоела потрајна животна заедница.

г) Родителите, во случај на загуба на зачнатото, а неродено дете.

д) Лицето спрема кое со измама, со принуда или со злоупотреба на некој однос на потчинетост или зависност е извршено некое кривично дело против половата слобода и половиот морал.

Како се надоместува нематеријалната штета?

Нематеријалната штета се надоместува нематеријално (нематеријална сатисфакција) и материјално (материјална сатисфакција).

Нематеријална сатисфакција

Нематеријалната сатисфакција судот ја досудува тогаш кога смета дека со досудувањето може да се оствари истата цел која би се остварила и во случај на досудување на справедлив паричен надоместок. Ваквата сатисфакција се досудува во вид на објавување на пресудата, односно објавување на исправката, повлекување на изјавата со која е сторена повредата или нешто друго со што може да се оствари целта која се постигнува со справедливиот паричен надоместок.

court-ruling-4511Материјална сатисфакција

Во случај на повреда на личните права (правата на живот, телесно и душевно здравје, чест, углед, достоинство, лично име, приватност на личниот и семејниот живот, слобода, интелектуално творештво и други лични прав) , ако судот најде дека тежината на повредата и околностите на случајот го оправдуваат тоа, досудува справедлив паричен надоместок, независно од надоместокот на материјалната штета, како и во нејзино отсуство.

При одлучувањето за барањето за справедлив паричен надоместок судот води сметка:

– за силината и траењето на повредата со која биле предизвикани физичките болки, душевните болки и стравот, а врз основа на наод и мислење од вешто лице,

– за целта за која служи надоместокот и

– за тоа надоместокот да не е во спротивност со стремежите кои не се спојливи со неговата природа и општествената цел.

За повреда на правото на углед и другите лични права на правните лица судот, ако најде дека тежината на повредата и околностите на случајот го оправдуваат тоа, ќе досуди справедлив паричен надоместок, независно од материјалната штета, како и во нејзино отсуство.

Доколку, според редовниот тек на настаните, извесно e дека нематеријалната штета ќе трае и во иднина, судот, на барање на оштетениот, може да досуди и справедлив паричен надоместок за идна нематеријална штета.

Автор: Н.С.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Право на надоместок на штета поради неоснована осуда или лишување од слобода

– Надомест на штета пред друштва за осигурување

– Кога работодавачот одговара за штета причинета спрема трети лица?

 Постапката за надомест на штета пред осигурителните компании

– Одговорност за штета предизвикана врз животната средина

– Надомест на штета во случај на сообраќајна незгода

Препорачуваме

Партнери на Правдико