Правдико

   

Надомест на штета во случај на сообраќајна незгода

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

car-accidentСообраќајните незгоди во современиот свет станаа секојдневие, што значи од тоа произлегува и потреба за брзо и ефикасно правно  регулирање на последиците и односите што произлегуваат од сообраќајната незгода. Така, со настанување на сообрајќајна незгода многу често доведува до настанување на штета и тоа и материјална и нематеријална штета. Штетата како последица на штетното дејтвие го погодува имотот или личноста на оштетениот, па одтука произлегува овластувањето за оштетниот да бара да му биде надоместена штетата и обврска штетникот да ја надомести таа штета. Со оглед на тоа врз што се одразува неповолниот резултат на штетното дејствие на штетникот: дали врз имотните права и правно заштитените имотни интереси или врз личните права на оштетениот, предвидени се материјална и нематеријална штета.

Материјална штета претставува онаа штета што се појавува како неповолен резултат врз имотните права и правно заштитените имотни интереси (на пример: кршење на фарови на автомобилот, кршење на предна шофершајбна, смачкана предница и сл.). Нематеријалната штета претставува неповолниот резултат на штетното дејствие што се одразува на личните добродетели на оштетениот (на пример: физички болки, намалување на животната активност, нагрденост, смрт на блиско лице и сл.). На ова следува логички прашањето кој ќе е одговорен за настанатата штета, односно кој ќе ги сноси последиците во случај на сообрајќајна незгода?

Во Законот за облигационите односи (Сл. весник на Р.Македонија бр. бр.18/01, 04/02, 05/03, 84/08, 81/09 и 161/09), во понатамошниот текст ЗОО, постојат општи одредби кои посочуваат врз кого паѓа одговорноста во ваков вид на облигационен однос настанат со причинување на штета.

Па така во Законот за облигациони односи член 164 став 1 наведено е дека доколку несреќата е предизвикана со моторно возило во движење што е причинета со исклучива вина на еден имател на моторно возило се применуваат правилата за одговорност врз основа на вина, каде според ЗОО член 145 вина постои кога штетникот причинил штета намерно или со невнимание.

Во случај пак да постои обострана вина секој од имателите ќе одговара за вкупната штета што тие ја претрпеле сразмерно со степенот на својата вина. Ако пак нема вина кај ниту еден, имателите ќе одговараат еднакво, а за штетата што ќе ја нанесат на трети лица од сообраќајката ќе одговараат солидарно без оглед на својата вина.

Според овие одредби ЗОО определува кој ќе е одговорен во случај на сообрајќајна незгода, но како што знаеме лицето кое е фактички штетник не мора секогаш да се поклопува со лицето кое е правниот штетник, односно доколку имателот на моторното возило го има осигурано возилото од штета во сообраќајна незгода оној кој што има обврска да ја надомести штетата е осигурителното друштво. Во нашето закнодавство постои Закон за задолжително осигурање во сообрајќај (Сл. весник на Р.Македонија бр. 88/05, 71/06, 81/08 и 47/11) кој им наложува обврска на имателите на моторни возила пред да го пуштат возилото во сообраќај задолжително да го осигураат во случај на незгоди. Со ваквото осигурување, исто така, се опфаќа и одговорноста на сите лица кои со согласност на сопственикот управуваат со осигураното превозното средство.

Имателите на моторни возила  склучуваат договор за осигурување од автомобилска одговорност, односно од одговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз. Право за надомест на штета имаат сите лица кои се наоѓаат во возилото кое ја предизвикало незгодата, и сите лица кои се наоѓаат во другите возила кои учествувале во несреќата, како и пешаците.

Од правото на надомест на штета Законот за задолжително осигурување во сообрајќајот ги исклучува:

  • лицето кое управувало со моторното возилото со чија употреба е предизвикана незгодата;
  • сопственикот, сосопственикот, договорувачот на осигурувањето и секој друг корисник на возилото кој во моментот на настанување на незгодата не  управувал со моторното возило со чија употреба е предизвикана незгодата, но само за износот на штета поради уништување или оштетување на предмети;
  • лицето кое на нелегален начин присвоило моторно возило, како и соучесникот во нелегално присвојување на моторно возило, со чија употреба е предизвикана незгодата, без разлика дали истото управувало со моторното возило во моментот на настанување на незгодата и
  • лицата кои штетата ја претрпеле како резултат на:

– употреба на моторно возило во спортски приредби за кои е добиена официјална согласност и на кои е потребно да се постигне максимална брзина и

– употреба на моторното возило во терористички акт или воени операции дефинирани согласно со Кривичниот закон.

Имено, во случај на сообрајќајна незгода оштетеното лице треба да поднесете барање за надомест на штета до одговорното друштво за осигурување, значи мора претходно да се пријави штета до одговорното друштво за осигурување. Тужба може да се поднесе дури откако оштетеното лице нема да биде задоволно од утврдениот надомест во вонсудска постапка.

Доколку се случи штетата да ја има предизвикано неосигурано возило оштетеното лице барањето за надомест на штета треба да го поднесе до своето друштво за осигурување (значи во друштво за осигурување каде оштетениот има склучено договор-полиса за осигурување од автомобилска одговорност), а ако пак штетата ја има предизвиканонепознато возило оштетеното лице барањето треба да го поднесе во едно од друштвата за осигурување кои имаат лиценца за осигурување од автомобилска одговорност. Друштвото за осигурување и во двата случаи во рок од 8 дена ја поднесува пријавата на штета во Гарантниот фонд на Националното биро за осигурување, од каде ќе се рефундира исплатениот надомест за штета.

Во случај во сообраќајната незгода да учествува и возило со странска регистрација (и под претпосатвка истото да е одговорно за незгодата), пријавата на штета се поднесува до Националното биро за осигурување или директно до друштвата – членки на Бирото (при тоа мора да се води сметка за колизија на интереси но и за склучени коресподентски договори).  Доколку со моторното возило се патува во странство, неопходна е меѓународна зелена карта која ја издава Националното Биро за осигурување, како доказ дека постои осигурување од автоодговорност и со неа се заштиттува имателот од евентуални материјални и нематеријални штети кои можете да ги предизвика на трети лица во сообраќајна незгода при престој во некоја од земјите членки на системот на зелената карта.

Националното биро за осигурување е правно лице кое го основат со договор најмалку две друштвата за осигурување, кои што имаат дозвола за вршење работи на осигурување во класата на осигурување од автомобилска одговорност. Бирото стекнува својство на правно лице со уписот во трговскиот регистар.

Во случај на сообраќајна незгода лицата учесници во сообраќајната незгода се должни меѓусебно да разменат податоци од личните документи за идентификација, регистарските податоци за моторното возило и документите од кои може да се види дека склучиле договор за осигурување од автомобилска одговорност во согласност со Законот за задолжително осигурување во сообрајќајот, а на барање на одговорното друштво за осигурување, да дадат опширно известување за околностите под кои се случила сообраќајната незгода, затоа што во спротивно се должни да ја надоместат штетата настаната од неизвршување на обврската за известување.

Од овој краток приказ на правното регулирање на надоместот на штета во сообрајќајна незгода може да се заклучи дека како фактички штетник односно оној кој ја причинува штетата се јавува лицето кое е имател на моторното возило, но правниот штетник односно оној кој ќе ја надомести штетата (материјална и нематеријална) ќе биде осигурителното друштво. Врз основа на договорт кој ќе го склучат имателот на моторното возило и осигурителнот друштво се префрла обврската за надоместување на штетата што ќе настане во случај на сообраќајна несреќа.

Извор: http://steta.blog.com

Партнери на Правдико