НАЈАВА: Нова рубрика ,,Адвокатски великани” | Правдико

Правдико

   

НАЈАВА: Нова рубрика ,,Адвокатски великани”

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Lawer with BooksПравдико воведува нова рубрика посветена на адвокатурата како еден од основните столбови на правосудниот систем.  Во оваа рубрика ќе се објавуваат биографии и содржини посветени на значајни адвокати од нашето минато кои оставиле длабоки траги во своето дејствување и  ангажман. Основен извор на таквите сознанија ќе ни биде книгата „Адвокатурата и адвокатите во Битола“ од авторите Сотир Главинче и Никола Главинче, во која се откриваат интересни податоци за голем број на адвокатски великани.

Во истовреме, Правдико ги повикува и останатите заинтересирани истражувачи кои имаат податоци за значајни адвокати од нашето минато да испратат нивни биографии, фотографии и податоци, како би можеле да се објават во оваа рубрика, со што ќе помогнат во откривањето на адвокатите и адвокатската професија, во која во минатото се ангажирале храбри и стручни профили – борци за правда и право.

Адвокатската професија е во фокусот на вниманието на многу аналитичари, историчари и теоретирачари. Таа се анализира и преку нејзината општествена положба, но и преку личностите  односно адвокатите кои ја вршат професијата.  Македонија како географски и политички поим низ историјата без разлика кој владеел со неа и какво било општественото уредување, може да се пофали со значајни индивидуалци – адвокати кои со својата работа и ангажман придонеле кон унапредуање на правата на граѓаните и зголемување на угледот и достоинството на адвокатурата.

Без разлика кој период од нашата историја се анализира, можеме да заклучиме дека адвокатите отсекогаш се појавувале во улога на говорници и борци за остварување на правата и интересите на човекот во општеството. Тие во историјата се јавуваат пред сè како говорници – оратори, личности кои се барани да дадат правна помош на оние на кои таква помош им е неопходна, исто како и лекарите кога се работи за здравјето на луѓето. Адвокатот дава правно мислење секогаш кога некој ќе му се обрати.

criminal-law-policyТој е одговорен пред судот за непознавање на правото или неизвршување на должноста, тој е бранител на обвинетите за сторени кривични дела. Покрај наведените активности, адвокатот има обврска и да собира докази и факти, да разгледува и евидентира различни релевантни документи, да подготвува писмени барања, предлози и акти кои ги доставува до судот, да застапува и образложува докази во судската постапка, да поставува прашања и предлага сведоци, да поставува тези, изведува и докажува претпоставки и да донесува заклучоци.

За адвокатурата како јавна служба, може да се смета дека целосно може да ја исполни својата професионална и општествена цел, тогаш кога успешно ги врши кумулативно трите најбитни функции. Така, адвокатурата активно учествува во непосредна заштита на субјективните права и слободи на граѓаните кои и се обраќаат за стручна помош и заштита во сите видови на постапки како кривична, граѓанска и управна. Понатаму, адвокатурата е повикана и одговорна да дава свој придонес и при донесувањето на сите видови прописи, заедно со општествените и државните чинители за создавање на современ, развиен правен поредок. На крајот, адвокатурата е повикана и должна во секое загрозување и стеснување на демократските права во државата да се огласи и да се бори против таквите појави кои ја попречуваат демократизацијата.

Во секој случај, адвокатурата, во себе содржи можност секој индивидуално да го гради својот став за поимот на адвокатурата, заснован на сопствениот однос кон неа, а истовремено и поучен од теоретските познавања на тој поим. Дел од таквите поединечни сфаќања за адвокатурата среќаваме во изјавите на значајни личности од историјата. Франсоа Волтер, изјавува „Би сакал да бидам адвокат. Тоа е најубавата професија на светот!“. Според Молиер „Никако не треба да се оди кај адвокати, затоа што тие се многу строги и сметаат дека е голем злочин да се изигрува законот. Тоа се луѓе кои приговараат и не знаат за заобиколување на совеста“. За Достоевски „Адвокатот е пријател на човештвото“.

Токму затоа залужува внимание адвокатската професија во минатото, но и во сегашноста, како поттик за идните генерации да се запознаат какви претходници имале, но и каква треба да биде улогата и значењето на адвокатурата и адвокатите.

Во оваа рубрика ќе пишуваме со најдобра намера да откриваме дел од историјата, но и да упатиме повик до сите кои имаат некакви информации да се придружат во таа мисија.

НАСКОРО!!

Препорачуваме

Партнери на Правдико