Намалувањето на роамингот во ЕУ блокирано во Европскиот парламент | Правдико

Правдико

   

Намалувањето на роамингот во ЕУ блокирано во Европскиот парламент

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

mobilniУсвојувањето на новите правила за телекомуникациските услуги во Европската Унија, меѓу кои и за драстично намалување на цената на мобилните разговори во роаминг, беше одложено на неодредено време откако гласањето во матичната парламентарна комисија беше блокирано прексиноќа во Европскиот парламент во Стразбур.

Европската комисија предложи намалувањето на тарифите за роамингот и на дополнителните трошоци за меѓународни телефонски разговори во Европа, како и првата европска правна заштита на отворениот интернет и нови правила за инвестиции во секторот на телекомуникации. Со овие законски измени се очекуваше од 1 јули 2014 година да се намалат тарифите за дојдовен повик, а тие за пренос на податоци во роаминг во земјите-членки на ЕУ да поевтинат за 67 отсто. До 2016 година овие тарифи требаше постепено да се укинат.

Поради ова, овие законски измени не беа најпозитивно прифатени од моќните телекомуникациски компании, кои од роаминг-услугите добиваат добар дел од приходите.

По прексиноќешната одлука на Kомисијата за индустрија, истражување и енергетика на Европскиот парламент, се намалуваат шансите законот да биде донесен пред европските избори закажани за мај, што значи дека неговото влегување во сила ќе биде доцна барем една година.

Според бугарскиот европратеник Ивајло Kалфин, парламентарната комисија навлегла во деловничката стапица на пратениците од Европската народна партија, кои одбиле да гласаат за предлог-законите од сферата на телекомуникациите и за регулативата што предвидува забрана на пластичните кеси, бидејќи тие биле поднесени пред пратениците само на англиски јазик. Поради тоа, усвојувањето на двата текста е одложено на неодредено време. Но, додека новиот закон за пластичната амбалажа и кеси може да ја продолжи парламентарната процедура и без мислење на комисијата за индустријата, пакетот закони за телекомуникациите остануваат блокирани, бидејќи оваа комисија е главна за нивно донесување.

Европските граѓани веќе ги почувствуваа првите придобивки од планот на ЕK за развој на дигиталното општество. Лани во јули стапи во сила мерката со која се ограничуваат цените за разговори и за интернет во роаминг. Така сега, Европејците за минута разговор во роаминг најмногу плаќаат 29 евроценти (17,8 денари), а за примање повик во странство 8 евроценти (5 денари). Испраќањето СМС-порака е намалена од 11 на 9 евроценти (од 6,7 на 5,5 денари). Цената за интернет-услуги во роаминг е лимитирана на 70 евроценти за еден мегабајт, односно 43 денари.

Македонската влада и регулаторното тело Агенцијата за електронски комуникации веќе поднесоа барање да ~ се овозможи на Македонија како земја-кандидатка за членство да има исти цени за роаминг-услуги како и тие од ЕУ. Тоа е доставено до европскиот секретаријат за телекомуникации, а кон него се приклучија и Србија и Црна Гора. За оваа иницијатива според последните вести има позитивно мислење во Директоратот за комуникациски мрежи, содржина и технологија на ЕK и останува да се заокружи правната рамка за нејзино преточување во стварност.

Инаку, според официјалните податоци, македонските граѓани плаќаат седумпати повисоки цени за појдовни повици во роаминг во ЕУ, осумпати повисоки за дојдовни и три-четирипати повеќе за користење 1 мегабајт-интернет.

ГЕРМАНИЈА ГИ ЗАБРЗУВА МОБИЛНИТЕ ПЛАЌАЊА

Врз нова платформа за забрзување на развојот на мобилни плаќања во Германија ќе работат телекомуникациските компании „Дојче телеком“, „Телефоника Дојчланд“ и „Водафон“ со компанијата за картички „Мастеркард“. Партнерството беше објавено вчера за време на Светскиот мобилен конгрес, кој традиционално се одржува во Барселона.

Трите телекоми држат 80 проценти од пазарот на мобилни услуги во Германија и идејата е тие да имаат заедничка платформа за мобилни плаќања, што ќе го забрза нивното извршување, бидејќи банките-издавачи на картичките ќе се поврзуваат со интегрираната платформа, наместо со поединечни такви на мобилните оператори.

Извор: Дневник

Партнери на Правдико