Народниот правобранител: Надлежните да преземат мерки и да обезбедат училишта без насилство | Правдико

Правдико

   

Народниот правобранител: Надлежните да преземат мерки и да обезбедат училишта без насилство

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Народниот правобранител го осудува отсуството на навремена и соодветна реакција за превенирање насилство меѓу учениците и ги потсетува одговорните во училиштата, како и пошироко заедницата, дека училиштето е воспитно-образовна установа која има обврска и должност да обезбеди грижа и заштита на децата, како и да преземе превентивни мерки за спречување на насилството меѓу децата, но и врз децата.

„Во овој контекст, имајќи ги предвид случаите на насилство меѓу ученици во неготинското училиште, насилството врз ученик од вработен во училиште во Битола, народниот правобранител бара од одговорните во училиштата, локалните самоуправи и Просветниот инспекторат да преземат мерки со цел да се обезбедат училишта без насилство, во кои ќе владее позитивна клима, заемно почитување и другарување меѓу учениците. Воедно, за народниот правобранител, инцидентот со насилството во гостиварската гимназија е, пред сè, срамен акт, но и лош пример за учениците што се образуваат во ова училиште поради што го повикува Министерството за образование и наука да реагира со цел обезбедување на училиштата во кои сите ќе се чувствуваат безбедно и сигурно“, се вели во соопштението.

Имајќи го предвид отсуството на реакција кај соучениците во случајот со насилството помеѓу ученички во основно училиште во Неготино, вели народниот правобранител, каде што според снимките објавени во јавноста, учениците користејќи ги мобилните телефони го снимаат насилството и не преземаат ништо тоа да го спречат, се поставува прашањето: Што се случува со воспитувањето на децата?

„Дали семејството и училиштето ја занемариле оваа значајна функција, која заедно со образованието има важна улога во правилниот развој на секое дете? Располагаат ли училиштата со ефикасни методи и обучен кадар кој знае и умее да превенира од насилство, односно да едуцира генерации што ќе знаат да почитуваат и преку дијалог да ги решаваат евентуалните проблеми?“, прашува омбудсманот.

Тој напоменува дека има потреба од позачестени контроли и надзор над работата на образовните установи во кои децата остваруваат право на образование заради превенирање од насилство врз децата и помеѓу децата, односно нетолерирање на насилството.

„Народниот правобранител очекува надлежните органи целосно и до крај да преземат мерки за расчистување на случаите со насилство во училиштата, при што особено да се утврди ефикасноста на мерките за спречување на насилство помеѓу и врз децата во училиштата, а за што народниот правобранител оваа година ќе спроведе посебно истражување“, се вели во соопштението.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико