Народниот правобранител постапувал по 2931 претставка од граѓаните | Правдико

Правдико

   

Народниот правобранител постапувал по 2931 претставка од граѓаните

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Народниот правобранител во 2020 година постапувал по 2.931 претставка, од кои 2.448 биле примени во тековната година, а 483 пренесени од претходната година. Овие податоци се наведени во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2020 година, што го презентираше денеска Народниот правобранител Насер Зибери.

„Овој релативно мал број на претставки – само за споредба, во 2019 година Народниот правобранител постапуваше по 4.705 претставки – од кои 3.453 примени во тековната година, а во 2018 година тој број изнесувал 4.482 од кои 3.458 примени во тековната година – не значи дека немаше прекршување на правата на граѓаните. Би рекол дека стравот од вирусот и грижата за здравјето кај многу граѓани влијаеше, па се воздржуваа да дојдат лично во канцеларијата на Народниот правобранител“, рече Зибери.

Зибери посочи дека минатата година особено биле засегнати децата поради променетиот начин на наставата за учениците, односно воведувањето на онлајн учење. Тој додаде и дека исклучувањето од електричната мрежа на семејства кои имаа неплатени долгови дополнително создавало проблеми за следење на наставата, па имало случаи кога учениците морале да се снаоѓаат и да одат кај соседите за да ја следат наставата. Според него, пандемијата посебно негативно се одразила врз лицата со попреченост, односно децата кои не можеле да ја следат наставата.

Тој додаде дека посебен фокус бил ставен и на лицата лишени од слобода, од аспект на преземените мерки за заштита на нивното здравје.

Зибери наведе и дека минатата година граѓаните најмногу се жалеле на остварувањето на нивните права од областа правосудството, при што биле поднесени 406 претставки. Најголем дел од нив или 195 се однесувале на работата на извршителите. Поради ваквата состојба, додаде Зибери, која трае со години, Народниот правобранител препорача навремено постапување на Дисциплинската комисија на Комората на извршители по барањата на странките за поведување дисциплинска постапка против несовесните извршители, со цел заштита на правата на граѓаните.

Зибери порача и дека останува констатацијата на Народниот правобранител дека во земјата државјанскиот статус сѐ уште не го решиле лица кои се родени во земјава пред прогласување на независноста на државата во 1991 и континуирано живеат во земјата со нивните семејства, во нивните домови и имоти.

Извор: Радио слободна Европа

Препорачуваме

Партнери на Правдико