Наследството веќе нема да му пречи на новиот стан | Правдико

Правдико

   

Наследството веќе нема да му пречи на новиот стан

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Банкарите и градежните компании ги поздравуваат измените кај „Купи куќа, купи стан“ и очекуваат зголемен интерес

kukjaМожноста и наследниците на дел од некој имот да учествуваат во „Купи куќа, купи стан“ е една од клучните измени од која се очекува значајно да придонесе да се зголеми бројот на граѓани кои преку овој проект ќе обезбедат покрив над глава. Ова го потенцираат и банкарите, и градежните компании вклучени во овој проект, откако Владата објави нови измени во законската регулатива, со кои одобрува пофлексибилни услови за аплицирање за овие субвенционирани кредити.

Иако никој не сака гласно да признае, неофицијално меѓу познавачите се коментира дека овој проект досега не успеа да привлече онолку граѓани колку што очекуваше Владата, па затоа во неколку наврати ги менуваше условите, за да се пријават што поголем број. Одредени политички кругови, пак, го споменуваат и наближувањето на изборите како можен мотив зашто Владата ги либерализира условите. Според нив, фактот што значајно се подига лимитот на вкупни приходи, од 900 на 1.300 евра, малку отстапува од првичната идеја на „Купи куќа, купи стан“, дека тоа е проект кој треба да им помогне на оние со ниски и средни примања да дојдат до сопствен дом. Иако, неколку семеjства досега не можеле да учествуваат само поради надминување на лимитот од неколку евра пишува Утрински.

Градежните компании позитивно ги оценуваат новините.

Генералниот директор на „Адора инженеринг“, Ванчо Чифлиганец, потенцира дека досега во оваа компанија во рамки на овој проект се продадени 22 стана, а во идниот период очекуваат значително да порасне бројот на апликациите и одобрувањата, како и да се олесни и забрза постапката за купување нов дом.

„Искуството покажа дека некои од апликантите, особено младите брачни парови, за многу мал износ со кој ги надминуваа вкупните приходи од 900 евра, како што е привремено зголемување на платата, не ги исполнуваа условите. Сега има поголема флексибилност со новиот зголемен лимит од 1.300 евра, што сметам дека е приход за едно нормално живеење на граѓаните во Македонија. Сметам дека сега поголем број граѓани ќе можат да се вклопат во проектот и со можноста да аплицираат и сопственици или наследници на дел од имот. Со овие позитивни промени треба да се надминат пречките поради кои во ’Адора‘ чекаат на одобрување неколку апликации. Таков е случајот со апликантката чие барање не беше прифатено поради тоа што е наследничка на 1/5 од семејна куќа во рурална средина, што сега нема да биде пречка“, вели Чифлиганец. Од компанијата се надеваат дека сега драстично ќе се зголеми бројот на апликантите, а и апликациите кои чекаат ќе се решат позитивно.

Во дел од банките во земјава, вчера, барем во претпладневните часови, немало некое особено изразено јавување или интересирање од граѓаните за новите услови, но како што велат банкарите, веројатно се очекува прво законските измени да бидат донесени од Собранието.

„Добро е што се обезбедуваат пофлексибилни услови, тоа значи дека повеќе граѓани ќе можат да се пријават за субвенциониран кредит“, вели Ѓорги Јанчевски, прв човек на НЛБ Тутунска банка.

„Особено значајна промена е условот за наследството, односно фактот што отсега и оние што наследиле половина или помалку од половина од имот ќе можат да аплицираат, а досега тоа не беше возможно и беше една од најголемите кочници. Очекуваме дека со промената на условите ќе се зголеми интересот на граѓаните“, вели Антонио Аргир, директор на сектор Деловна мрежа во НЛБ Тутунска. Според него, банката уште на стартот на проектот се вклучила во него, бидејќи има интерес да дојде до клиенти кои по редовен пат не би можеле да добијат кредит. „Нас ќе ни се исплати да се зголеми бројот на субвенционирани кредити што ќе ги одобриме откако ќе се воведат новите услови, бидејќи тие имаат и посигурна наплата, со оглед што 50 отсто обезбедува државата“, вели Аргир.

Измените на законот ги поздравува и Златко Тодоров, сопственик на градежната компанија „Кубус“. „Иако уште не сум запознаен со новините, во принцип сметам дека секоја законска регулатива што им овозможува на граѓаните да се стекнат со свој дом, е за поздравување. Во последниов период се’ помалку граѓани купуваат стан со сопствени средства, а мнозинството користат кредити, па ако се обезбедат пофлексибилни услови, тоа покажува една поголема социјална зрелост“, вели Тодоров.

Од агенцијата за недвижности „Прима каза“ велат дека тие не учествуваат во овој проект. Но, оттаму објаснуваат дека во последниов период на пазарот на недвижности се чувствува значаен пад и на побарувачката и на цените на становите. „Во однос на истиот период лани цената е намалена можеби за 10 до 20 отсто, но и натаму нема побарувачка. Исто така, се чувствува дека во поново време банките се’ потешко одобруваат редовни станбени кредити“, велат од „Прима каза“.

Извор: Утрински

Препорачуваме

Партнери на Правдико