НАТО не размислува за проширување | Правдико

Правдико

   

НАТО не размислува за проширување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

nato-flag-w-istockНа дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, според извори на Алијансата, преовладувало мислење дека засега не биле исполнети условите за натамошно проширување на Алијансата со нови членки. Така, според извори на НАТО, ќе било и на наредниот самит на Алијансата во Велс догодина.

На министерскиот состанок во Брисел, од дипломатски извори се дознава дека неколку клучни членки на НАТО биле против отворањето на Алијансата кон сите нејзини сегашни официјални кандидати: Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија. 

„Сметаме дека ниту една од овие земји не е подготвена за да биде поканета“, вели еден дипломат за германската новинска агенција ДПА, додавајќи:

„Не сакаме да водиме никаква форма на дискусија за ова ни на наредниот самит на НАТО“, вели дипломатот.

Така, за Алијансата главни теми на самитот во Велс на 4 и 5 септември идната година остануваат: напредокот во Авганистан, можностите на НАТО да остане најуспешна политичка и безбедносна Алијанса во историјата и трето, како што изјави генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, „важните партнерства со земји кои се надвор од Алијансата“.

Тој и американскиот државен секретар Џон Кери во Брисел го предупредија Авганистан да не ја загрозува идната безбедносна и финансиска помош од меѓународната заедница со тоа што нема да го потпише договорот за останување на странските сили во таа земја и по 2014 година.

„Ова не е шега, туку сериозна работа“, изјави Кери, наведувајќи дека во мисијата се вклучени 50 држави кои мора да ги испланираат своите буџети навреме.

Расмусен потврди дека на НАТО му е потребна цврста законска рамка за да остане во Авганистан.

keri„НАТО не е окупаторска сила. Ние имаме намера да му помогне на Авганистан и се разбира предуслов за тоа е да добиеме покана. Таа треба да биде придружена со соодветна законска рамка и тоа е сè. Се разбира, станува збор за авганистанска одлука. Ние не наметнуваме ништо“, рече Расмусен, по состанокот во Брисел на кој министрите ја осудија и прекумерната употреба на сила против демонстрантите во Украина кои протестираат против владата и претседателот Виктор Јанукович кој одби да ја потпише спогодбата за потесни врски на неговата земја со Европската унија.

„Суверена, самостојна и стабилна Украина, цврсто посветена на демократијата и владеењето на правото, е клучот за евроатлантската безбедност. Нашето партнерство со Украина ќе продолжи врз основа на вредностите на демократијата, човековите права и владеењето на правото. НАТО останува посветен во  поддршката на процесот на реформи во Украина“, рече Расмусен.

Претходно, американскиот државен секратр Џон Кери ја одложи неговата планирана посета на Украина каде што требаше да учествува на состанокот на ОБСЕ чиј претседавач е токму Киев.

Тој додаде дека неговиот престој во Молдавија е со цел да го поддржи европскиот избор на таа земја.

„Се надевам дека ќе ја посетам Украина кога ќе се врати на патот на европските интеграции и економската одговорност“, изјави Кери во Брисел.

Препорачуваме

Партнери на Правдико