Национална програма за усвојување на правото на ЕУ
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Вкупно 70 отсто од планираните активности за усогласување на македонското законодавство со европското во периодот 2014 – 2016 треба да се реализираат годинава. Со оглед дека ова е прилично амбициозна агенда, мора да продолжи јакнењето на административните капацитети особено за среднорочно планирање, порача денеска вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.
Презентирајќи ја Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, ревизија 2014, пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања во Собранието, Бесими напомена дека е најбитно институциите да се фокусираат на имплементацијата, особено на поглавјата каде што Европската комисија со извештајот нотираше помал прогрес.
– Ангажманите што ги планираме наметнуваат потреба да се работи повеќе. На крајот од годинава можеби повторно ќе се соочиме со феноменот од лани – нецелосно имплементирање на Програмата. Ова не го велам за да се оправдаме, само кажувам дека е уште еден сигнал да ги зајакнеме планските капацитети, истакна Бесими.
Во првиот квартал од годинава, рече, треба да се спроведат 23 отсто од активностите, во следните 19 проценти,…
Како што информира Бесими, акцент е ставен на политиките за намалување на невработеноста, мерките за поголема конкурентност на македонската економија, јавната финансиска контрола, државниот долг. Меѓу најкомплексните сектори кои бараат и големи финансии за реализација е уредувањето на животната средина. Со Програмата се опфатени и транспортот, енергетиката, земјоделството, безбедноста на храната, уредувањето на внатрешниот пазар,…
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Радмила Шекеринска во текот на расправата по Програмата оцени дека годинашната ревизија е подобра од претходната и тоа е за поздравување, но две анализи се особено загрижувачки.
– Само 26 од 68 закони се усвоени, ниту 38 отсто. Не е подобра состојбата ниту со подзаконските акти, од 200, усвоени се 90, што е помалку од 45 проценти. Овој дел на реализација става голема сенка врз Програмата, забележа Шекеринска.
Според неа, поразително е и темпото со кое Македонија го преведува европското законодавство. Годишно, како што посочи, се завршуваат само три илјади страници, а европското законодавство има вкупно 160 илјади.
Шекеринска воедно реагираше и на тоа што Владата се уште не дава одговор колку луѓе работат во државната администрација, ниту има каква било анализа за тоа колкава цена плаќаме поради стагнирањето во однос на евроинтеграциите.
Силвана Бонева потенцира дека Програмата за усвојување на правото на ЕУ јасно ја покажува волјата на ова парламентарно мнозинство за продолжување на евроинтеграцискиот процес. Не е точно, рече Бонева, тоа што го кажа Шекеринска околу усвојувањето на законите минатата година, бидејќи од вкупно 68 усвоени се 43 закони, а не 26.
– Голем процент од ветеното е реализирано во Собранието. И покрај предизвиците со кои се соочува, Македонија чекори кон ЕУ, што беше забележано и од Брисел, истакна Бонева.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз укажа дека претстојните претседателски избори ќе имаат влијание врз процесот на македонското евроинтегрирање, но тука, рече, се наметнува и прашањето дали паралелно ќе има и предвремени парламентарни избори.
– Чесно е политичките партии, ако имаат такви идеи, навреме да се договорат за парламентарните избори да се одржат паралелно со претседателските. Ако заговараат економска или меѓуетничка нестабилност за одржување предвремени паралелни избори само ќе ги закочат евроинтеграциските процеси, рече Трајанов.
Со него не се согласи професорот Димитар Мирчев. Наместо на седницата да се отворат прашањата околу претседателските или евентуално предвремените парламентарни избори, според Мирчев, многу поважно е да се одговори и да се каже зошто дел од државните институции се многу помалку активни од останатите, што работи Секретаријатот за европски прашања и кој е неговиот придонес, какви се ефектите од досега склучените договори на Македонија со повеќето земји за соработка и помош во однос на евроинтегрирањето.
Програмата за усвојување на правото на ЕУ ги опфаќа сите клучни сегменти, политичките и економските критериуми, изборните реформи, слободата на изразување на медиумите, антикорупциската политика, процесот на децентрализација, добрососедските односи,…
Извор: Дневник