Научете кои се целите и клучните одредби на Лисабонскиот договор | Правдико

Правдико

   

Научете кои се целите и клучните одредби на Лисабонскиот договор

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

the_lisbon_treaty_bookДоговорот од Лисабон беше потпишан на 13 декември 2007 година, од страна на 27 земји-членки на Унијата. Влезе во сила на 1 декември 2009 година, кога сите земји на ЕУ го ратификуваа во согласност со нивните национални постапки.

Земјите-членки кои заедно го изготвија Договорот од Лисабон согледаа дека постоечките договори не ѝ ги овозможуваат на Европската Унија потребните инструменти за да може да се соочи со овие предизвици и да се справи со овие промени. Договорот од Лисабон ги изменува и ги надградува претходните договори на ЕУ. Го зема предвид фактот што ЕУ порасна од шест основачки земји-членки до сегашните 27 земји, како и многуте случувања во изминатите 50 години.
Договорот од Лисабон ќе ги подобри оперативните методи за да обезбеди Унијата во 21 век да функционира што е можно поефикасно и поефективно.
Ѝ помага на Европската унија подобро да им служи на вашите интереси и ви овозможува директно да имате удел во европските прашања, преку Граѓанската иницијатива.
Ги штити вашите права преку Повелбата за фундаменталните човекови права.
Ја јакне улогата на Европскиот парламент и им дава нови надлежности на националните парламенти. Го прави поефикасно донесувањето одлуки на европско ниво. Овозможува ЕУ да зборува со единствен глас во светот. Воведува нови мерки за решавање на клучните прашања што влијаат врз квалитетот на животот, како што се климатските промени, меѓународниот прекуграничен криминал и енергетиката. Во исто време ги штити правата на секоја земја-членка, особено во чувствителните области, како што се оданочувањето и одбраната.

Цели на договорот

Договорот од Лисабон јасно ги одредува целите и вредностите на Европската унија – мир, демократија, почитување на човековите права, правда, еднаквост, владеење на правото и одржливост.
Договорот од Лисабон се заложува дека Европската унија ќе го реализира следното:
• ќе им понуди на луѓето слобода, безбедност и правда, без постоење внатрешни граници;

• ќе работи за одржлив развој на Европа, врз основа на урамнотежен економски раст и стабилност на цените, висококонкурентна социјална пазарна економија насочена кон целосно вработување и социјален напредок, со висок степен на заштита на животната средина;

• ќе се бори против социјалната исклученост и дискриминација и ќе ја промовира социјалната правда и заштита;

• ќе промовира економска, социјална и територијална кохезија и солидарност меѓу земјите-членки;

• ќе остане посветена на економската и монетарна унија, со еврото како нејзина валута;

• ќе ги негува и ќе ги промовира вредностите на Европската унија пошироко во светот и ќе придонесува за мир, безбедност, одржлив развој на земјата, солидарност и почитување меѓу народите, слободна и фер трговија и искоренување на сиромаштијата;

• ќе придонесува за заштитата на човековите права, особено правата на детето, како и строго почитување и развој на меѓународното право, вклучително почитување на начелата од Повелбата на Обединетите нации.

Ова се основните цели. Договорот од Лисабон е создаден за да ѝ овозможи на Европската унија инструменти со кои ќе ги реализира овие цели.

lisabonКлучни одредби

– Поголема демократија, поголема отвореност

Новата Граѓанска иницијатива значи дека еден милион луѓе – од население од 500 милиони во ЕУ – од неколку земји-членки, ќе можат да поднесат петиција до Европската комисија за промовирање нови политички предлози. Ова за првпат ви овозможува директно учество во процесот на донесување закони во ЕУ. Националните парламенти ќе имаат поголеми можности за вклучување во процесот на одлучување во ЕУ.

– Побрзо, поефикасно одлучување

Во Советот на министри ќе се прошири гласањето со квалификувано мнозинство, наместо едногласното донесување одлуки. Со ова ќе се овозможи побрзо и поефикасно дејствување. Квалификуваното мнозинство значи дека, почнувајќи од 2014 година, одлуките на Советот на министри ќе треба да бидат поддржани од 55% од земјите-членки, застапувајќи најмалку 65% од европското население. Ваквиот систем им дава двојна легитимност на одлуките.

– Модернизација на институциите на Европската унија

Се создаде нова функција – Висок претставник на Унијата за надворешни прашања и безбедносна политика/заменик на претседателот на Комисијата, со цел да се промовираат активностите на ЕУ на меѓународната сцена и за подобро да се заштитат интересите и вредностите надвор од Унијата. Кетрин Ештон започна да работи на оваа позиција во 2009 година.

– Ја потврдува заложбата за постигнување економска и монетарна унија со еврото како валута на ЕУ.

Денес, еврото е валута на 16 земји-членки.  Договорот од Лисабон ја официјализира позицијата на Европската централна банка давајќи ѝ статус на институција на Европската унија.

– Се залага за промовирање на вредностите на ЕУ во светот

ЕУ е најголемата трговска сила и најголемиот донатор на помош за земјите во развој. Ја дефинира улогата на ЕУ во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика. Одлуките во врска со прашањата од одбраната ќе продолжат да се донесуваат со едногласност на 27 земји-членки.  Договорот од Лисабон ја проширува улогата на ЕУ на операции за разоружување, воени совети и поддршка и помош за обновување на стабилноста по конфликти.

– Содржи нови важни одредби за јакнење на способноста на ЕУ за борба против меѓународниот прекуграничен криминал, нелегалната имиграција, трговијата со луѓе, оружје и дрога.

– Ги унапредува социјалните цели наЕУ. За сите политики и активности предвидува Европската унија да го земе предвид промовирањето на висок степен на вработување.

– Содржи важни одредби во низа нови политички области за јакнење на способноста на ЕУ за борба против меѓународниот прекуграничен криминал, нелегалната имиграција, трговијата со жени и деца, оружје и дрога.

– Ги признава правата, слободите и принципите утврдени во Повелбата за фундаменталните права и ја дефинира Повелбата како правно обврзувачка.

Извор: www.kas.de/macedonia/publications
European Communities, Directorate General for Communication Publication B-1049 Brussels, Belgium

 

Партнери на Правдико