„Не се чуствувам виновен за смртта на медицинската сестра“
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Обвинетиот за убиството Никола Кузмановски се’ уште не ја дал својата одбрана за настанот што се случи на 9 јануари на Детската клиника во Скопје.
„Не се чувствувам виновен!“, рече Никола Кузмановски, обвинет за убиство на медицинската сестра Диана Здравковска, на 9 јануари на Детската клиника во Скопје.
Судскиот процес што започна денеска против Кузмановски го отвори Јавниот обвинител Снежана Бундалевска-Георгиевска, која рече дека за настанот била известена додека била дежурна, но кога пристигнала на клиниката ја обзело чувство на непријатност.
„Како е можно едно такво пријателство какво што било помеѓу Диана и обвинетиот Никола да заврши така трагично? Дополнително ме вознемири сознанието дека Диана била бремена“, рече обвинителката во својот воведен збор, наведувајќи дека се работи за насилна смрт, со притискање на устата и носот и со давење.
Бранителот на обвинетиот, адвокатот Звонко Давидовиќ, се спротивстави на тоа и рече дека обдукцискиот наод укажува дека не се работи за задушување.
„Осум години бевме во брак. Знаев дека Диана е бремена. Критичниот ден последен пат разговаравме во 18.45 часот, а после тоа телефонот само ѕвонеше, но никој не ми се јавуваше“, изјави Деан Здравковски, сопруг на Диана и раскажа дека околу 23 часот се упатил кон Детската клиника, вознемирен поради неодговорените повици. Не му е познато дали Диана и Никола биле во љубовна врска.
Наспроти неговата изјава, сведокот Борче Цветановски, вработен како обезбедување на Детската клиника, рече дека го видел Здравковски десетина минути по 20 часот, односно само еден час по несреќниот настан.
„Една жена која влезе на Клиниката рече дека од покривот паѓа снег. Излегов надвор и видов момче како седи на покривот. Со уште еден вработен се качивме до потпокривот и во темнината го видовме момчето како седи“, изјави Цветановски и раскажа дека во разговорот момчето рекло дека „направило проблем“, односно дека „си ја утепало девојката“ и затоа сака да се фрли од покривот. На подот лежело безживотно женско тело со раце испружени над главата. Потоа Цветановски тргнал да го пријави случајот, и помеѓу првиот и вториот кат сретнал маж кој му се претставил како „брат на Никола од Петровец“. Непознатиот бил во придружба на уште две други машки лица. Подоцна Цветановски разбрал дека тој не му бил брат на момчето, туку сопруг на убиената медицинска сестра.
Судењето за овој случај ќе продолжи со распит на другите сведоци, но и на обвинетиот Никола Кузмановски.
Извор: Утрински Весник