Нема навала од Македонци за Хрватски и Романски пасоши | Правдико

Правдико

   

Нема навала од Македонци за Хрватски и Романски пасоши

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

6BE4A2E49F8C3D40A949806A36A00278Бројот на граѓани на ЕУ ќе се зголеми во многу брзо време, оти ваков статус можат да добие секој оној кој, иако не живее во земјите членки на Унијата, има хрватско, романско или бугарско потекло.

Законите во овие држави дозволуваат, на пример, да се добие романски пасош, дури и за оној кој никогаш не стапнал на територијата на Романија. Вака прогнозираат европските аналитичари. Нивните проценки анализирајќи ги состојбите на Балканот, се дека во моментот, оваа можност најмногу ја користат граѓаните на Босна и Херцеговина кои масовно аплицираат за добивање на хрватски пасоши, со кои подоцна заминуваат во поразвиените западноевропски земји барајќи подобра егзистенција. Што зборуваат бројките за македонските државјани? Дали и колку тие, кои имаат хрватско, романско или бугарско потекло, ја користат оваа можност?

За Романија без промени

– Ние не водиме статистика, и нема податоци за тоа кој добива пасош или државјанства според националната припадност, вели Моника Цамараску, претстедател на одделот за државјанства, при Министерството за надворешни работи на Романија. Неофицијално, информациите што ги добивме од конзуларните претставништва на Македонија и Романија, говорат дека бројот на луѓе кои се информираат или бараат да отпочнат постапка за добивање на документи во Романија, е генерално непроменет изминативе десет години. Состојбата со Хрватска е поинаква. Конкретна статистика за последните 10 години ни испрати тамошното министерство за внатрешни работи. Според податоците, за една деценија бројот на македонски граѓани кои аплицирале за хрватско државјанство е намален за три пати. Па така, во 2003 година, хрватски државјани станале 428 Македонци, а оваа 2013, државјанство добиле 138.

–  Според нашите официјални регистри, во периодот од почетокот на 1992 до 14 ноември оваа  година, вкупно 17 066 граѓани на Македонија аплицирале за добивање  хрватско државјанство. Последниве 10 години со хрватско државјанство се стекнале 2443 Македонци, стои во писмениот одговор од МВР на Хрватска.  Нивните податоци зборуваат оти најмалку хрватски државјанства Македонците добиле во 2011 година, односно 93, но интересно е што оваа бројка е двојно поголема следната 2012 година, кога со статус државјани на Хрватска се стекнале 185 Македонци.

Молк од надлежните во Софија

Иако во јавноста се смета дека околу 50  илјади наши сограѓани досега зеле бугарски пасош само по основа „искажување бугарски корени“, бугарските надлежни одбраа да молчат на нашите прашања. Во Бугарското МНР љубезно ни препорачаа директно во Министерството за правда во Софија да ги бараме одговорите. Таму најпрво ни побараа во писмена форма да им кажеме какви податоци сакаме. Потоа ни потврдија оти работат на одговорите, но и после две недели од комуникацијата, не добивме никаков одговор.

ЗАКОНИТЕ ЗА ДРЖАВЈАНСТВА ВО СЛОБОДНА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА

Многу одредби во законите за државјанства во овие земји допуштаат слободна интерпретација. Австрискиот правен експерт, Карин Траунмилер, за Дојче Веле коментира дека бугарско државјанство се зема на основа на „бугарското потекло“ што е неодредена формулација. Во хрватското законодавство на пример се користи „хрватска национална припадност“ како основа. Според Траунмилер, кој сака да добие хрватски документи, мора да го почитува хрватскиот правен поредок и обичаите во земјата.

Македонци што добиле хрватско државјанство

Година/број

2003:      428

2004:      335

2005:      247

2006:      141

2007:      224

2008:      304

2009:      225

2010:      123

2011:        93

2012:       185

2013:       138

 

Извор: Дневник

Препорачуваме

Партнери на Правдико