Нема веќе назад за Камерон | Правдико

Правдико

   

Нема веќе назад за Камерон

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Британскиот референдум за напуштање на ЕУ доаѓа во невреме, а за британскиот премиер е предоцна: тој сега се наоѓа во незавидна ситуација, коментира Барбара Везел.

0,,18822616_303,00

 

Британскиот премиер Дејвид Камерон стапи на европската сцена и запука од сите орудија. ЕУ треба да знае дека Велика Британија може да преживее и без неа. Му доаѓа на човек на му дофрли: „Добро им кажа Дејв!- но да знаеш дека и ние можеме без тебе да преживееме!“ Камерон во следните месеци сигурно ќе ги однесе сите награди за претерана и пискава реторика. Но ја знаеме таа игра: пораките се наменети пред сѐ за домашната публика- во Брисел никој не е импресиониран од неа.
„Одново ќе преговараме за нашите позиции во ЕУ“ и дури после тој ќе биде подготвен да остане во ЕУ. Така најави Камерон кога стапуваше на функцијата. Долго се шпекулираше за тоа какви драматични барања ќе постави тој за да го обезбеди останувањето на Велика Британија. На листата е на пример и ограничување на доселувањето во Европа. Но, кога се работи за тоа, Ангела Меркел уште пред неколку месеци го одби тоа и појасни дека слободата на избор на местото на живеење и работа на целата територија на ЕУ спаѓа во темелните начела на таа заедница.

Булеварскиот печат создава расположение

Во меѓувреме тоа барање е ублажено, па сега е важно работните мигранти од ЕУ во Велика Британија четири години да не добиваат социјална помош. На правниците ќе им биде тешко да ги прилагодат правилата на ова барање. Британците, имено, веруваат дека полските, романските и другите работници од ЕУ ја користат нивната социјална каса. Тоа на луѓето им го суфлира булеварскиот печат. Ништо од тоа не е точно, но и онака се работи само за симболична политика.

Камерон во меѓувреме ги ублажи и другите барања. Велика Британија секако нема да може да се изземе од формулацијата на Лисабонскиот договор за „сѐ поблиска унија“. Французите веќе јасно му ставија до знаење на британскиот премиер дека не се подготвени да учествуваат во измена на одредбите од тој договор. Камерон би морал да увиди дека неговиот референдум не би смеел да придвижи бран натамошни референдуми во земјите на ЕУ со несогледиви последици.

Дискусија во невреме

По повеќемесечни дипломатски напори зад кулисите, Камерон го направи поподнослив својот пакет за преговори. Сепак, тој сѐ уште е доволно радикален за да симулира судир во ЕУ, но не толку значаен за простувањето на Британците од ЕУ да делува како завршена работа.
И покрај тоа, британската иницијатива во себе содржи две грешки. Прво, таа доаѓа во невреме. Уште полошо, доаѓа во најлошиот, најпогрешниот и најтешкиот можен момент на сите времиња. ЕУ токму минува низ тест во кој нејзините вредности, солидарност и соработка поради бегалската криза се ставени на опасна проба. Напорните преговори за односите со Велика Британија ѝ се потребни колку и летен грип.

Секој референдум е ризик

Второ, дури и кога ЕУ и британскиот премиер би можеле да се сложат околу промена на неколку услови за британското членство, тој не може да гарантира дека со тоа ќе ги убеди Британците. Уште сега јастребите од неговата партија се жалат дека барањата му се преслаби. Непријателите на Европа меѓу британските конзервативци личат на мочуриште полно со крокодили кои се мирни додека имаш со што да ги храниш. Но, што ќе се прави кога ќе нема храна за нив? Во таква ситуација е и Камерон. Неговата партија на крајот ќе мора толку многу да ги испровоцира противниците на Европа во земјата, што тие на крајот ќе одлучат за излегување од ЕУ, дури и во случај во Брисел да се постигне компромис. Тоа би бил историски пораз за британскиот премиер. Тоа би бил тежок удар и за неговата земја и за ЕУ. Бидејќи за Европејците тоа би значела дестабилизација во момент во кој и самите се борат за својата иднина.
Дејвид Камерон без потреба влезе во таа стапица. Неговите советници се обидоа да го одврадат од ветувањето за референдум. Бидејќи политичкото искуство покажува дека на референдум е тешко да се влијае и дека тој е непредвидлив. Но, за британскиот премиер е предоцна: тој сега се наоѓа во незавидна ситуација- ќе мора да го јава тигарот кој претходно го повлече за опашката.

Извор: DW

Партнери на Правдико