Непосредно учество на граѓаните во одлучувањето во Скопје, Белград и Загреб | Правдико

Правдико

   

Непосредно учество на граѓаните во одлучувањето во Скопје, Белград и Загреб

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

3E7F4622-B773-4295-9939-5575760B85E0_cx0_cy5_cw0_mw1024_s_nНепосредно учество на граѓаните во одлучувањето– Скопје

Граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локлано значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум на начин и постапка утврдени со закон. Трошоците за спроведување на непосредното учество на граѓаните паѓаат на товар на општинскиот буџет.

Граѓанската иницијатива подразбира граѓаните да имаат право да му предложат на советот да донесе одреден акт или да реши одредено прашање од негова надлежност. Сепак, граѓанската иницијатива не може да се поднесе за кадровски и финансиски прашања. За ваквиот предлог советот е должен да расправа ако го поддржат најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање. Расправата советот е должен да ја одржи најдоцна во рок од 90 дена по досатвената иницијатива и да ги информира граѓаните за својата одлука.

Собир на граѓани, како облик на непосредна демократија, може да се свика за подрачјето на целата општина или за подрачјето на месната самоуправа. Собирот на граѓани го свикува градоначалникот на општината (или на Градот Скопје) по сопствена иницијатива, на барање на советот или на барање од најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање. Органите на општината се должни во рок од 90 дена да ги разгледаат заклучоците донесени на собирот на граѓаните и да ги земат предвид при одлучувањето и донесувањето мерки по прашањата на кои се однесуваат, како и да ги информираат граѓаните за своите одлуки.

Граѓаните, исто така и преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење. Притоа, советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите на општината. Но, советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност и по сопствена иницијатива. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за советот.

Покрај овие три начини на непосредна демократија, кои се и најпознати, секој граѓанин има право, поединечно или заедно со другите да доставува претставки и предлози за работата на органите на општината и општинаската администрација. За да се реализира тоа успешно, градоначалникот е должен: да создаде услови за доставување претставки и предлози; најдоцна во рок од 60 дена од денот на приемот на претставката, односно предлогот на подносителот да му достави образложен одговор; и претставките и предлозите коишто не се однесуваат на работи од надлежност на органите на општината, да ги достави до соодветниот надлежен орган и за тоа да го извести подносителот.

Значајно е и тоа што при изготвувањето на прописите на општината советот, односно градоначалникот има законска основа според која може претходно да организира јавни трибини, да спроведе анкети или да побара предлози од граѓаните.

Главното прашање од овој дел, на кое ќе дадеме одговор поопширно подолу во заедниките карактеристики и разлики, е дали и колку овие облици на локална непосредна демократија се остваруваат во практиката и тоа во секоја обработена држава посебно и кои се правците што треба да ги заземат за да бидат поефикасни!?

Непосредно учество на граѓаните во остварување на локалната самоуправа – Белград

Облици на непосредно учество на граѓаните во остварување на локалната самоуправа се: граѓанска иницијатива, собир на граѓани (збор грађана) и референдум.

158938Граѓаните по пат на граѓанска иницијатива му предлагаат на Собранието на градот донесување на акти кои ќе уредат одредено прашање од надлежност на градот, промена на Статутот или други акти и распишување референдум во склад со законот и Статутот. Собранието на градот е должно да одржи расправа и да достави образложен одговор на граѓаните во рок од 60 дена од добивањето на предлогот. Со Статутот на градот се утврдува бројот на потписи кои се потребни за покренување граѓанска иницијатива. Така со Статутот е определено дека се потребни најмалку 30.000 избирачи, ако со законот или со Статутот не е определен друг број. Заради остварување на граѓанската иницијатива, граѓаните формираат иницијативен одбор кој има пет членови кои имаат избирачко право.

Собирот на граѓани (збор) се свикува за дел од територијата на градот (најчесто на подрачје на месна заедница) и расправа и дава предлози за прашања од надлежност на органите на градот. И во овој случај органите и службите на градот имаат рок од 60 дена за да заземат став и да ги известат граѓаните за нивниот предлог. Свикувањето на собир на граѓани е задолжително ако има барање за негово свикување од најмалку 10% од избирачите со живеалиште на подрачјето во кое се свикува собирот. Свикувачот на собирот е должен да ја извести Градската управа и управата на градската општина за одржувањето на собирот.

Собранието на Градот Белград може на сопствена иницијатива да распише референдум за прашања од својот делокруг на надлежности, а должна е истиот да го распише на предлог од најмалку 10% од избирачите од вкупното избирачко тело во градот. Одлуката донесена на референдумот (освен на советодавниот) е задолжителна, а Собранието истата не може да ја стави вон сила, ниту пак да ја менува нејзината суштина во наредниот период од една година од денот на донесувањето на одлуката. Актот за распишување на референдумот го носи Собранието на градот и од денот на распишувањето до денот на неговото спроведување не можат да поминат помалку од 30 дена, ниту повеќе од 90 дена. Одлуката по пат на референдум е донесена ако за неа се изјасниле мнозинството од граѓаните кои гласале, под услов да гласале повеќе од половината од вкупниот број на граѓани со право на глас.

Непосредно учество на граѓаните во одлучувањето – Загреб

glasovanje_referendum_600_01.jpg.655x300_q85_crop_upscaleОблици на непосредно учество на граѓаните во локалните работи од самоуправниот опсег на Градот Загреб се: локалниот референдум, месните собири на граѓани, претставките, предлозите и жалбите (приговорите) на граѓаните.

Локален референдум може да распише Градското собрание согласно прописите и тоа за секое прашање од самоуправниот делокруг на градот кое е од особен интерес за развојот на градот или за граѓаните на Градот Загреб, за кое прашање Градското собрание има право да донесува одлуки. Важно е да се напомене дека од денот на објавување на одлуката за распишување на референдумот до денот на неговото одржување не смеат да поминат помалку од дваесет ниту повеќе од четириесет дена.

Месните собири на граѓани се свикуваат заради изјаснување на граѓаните по одделни прашања од локално значење, расправање за потребите и интересите на граѓаните, како и давање предлози за решавање прашања од локално значење. Овие собири ги свикува советот на месниот одбор, односно советот на градската област, а може да ги свика и Градското собрание. Мислење од граѓаните на собирот може да бара градоначалникот, Градското поглаварство и Градското собрание. Одлуката донесена на месниот собир на граѓани го обврзува советот на месниот одбор, односно советот на градската област, но не го обврзува Градското собрание. Органите на месната самоуправа должни се да ги известат месните собири на граѓаните за тоа што е преземено во врска со нивните мислења и предлози.

Граѓаните можат да поднесат претставки до органите на Градот Загреб. Претставката мора да биде потпишана од граѓаните кои ја поднесуваат, мора да ги содржи нивните имиња и презимиња и матичните броеви. Органите на градот должни се во рок од 30 дена од поднесувањето на претставката да одговорат на граѓаните кои ја поднеле. Претставката може да ја поднесат граѓани кои имаат избирачко право и живеалиште на територијата на Градот Загреб, а претставката не ги обврзува органите до кои е поднесена. На ист начин како и претставки, граѓаните можат да поднесат и жалби (притужбе) до градските управни органи и органите на месната самоуправа, при што процедурата по нивно одлучување не се разликува посебно од процедурата по претставките.

Од овие наводи, на прв поглед можеме да забележиме дека во Република Хрватска нема граѓанска иницијатива како посебен облик на непосредно учество на граѓаните во одлучувањето. Колку е тоа позитивно или не, подетално ќе се осврнеме подолу во оваа статија.

Разлики и заеднички карактеристики

Во однос на непосредното учество на граѓаните во остварувањето на локалната самоуправа постојат голем број на сличности помеѓу обработените три држави. Сепак постои разлика во однос на граѓанската иницијатива која како облик на непосредно учество не постои во системот на локалната самоуправа на Република Хрватска. Тоа сметаме дека е голем недостаток на оваа држава и покрај тоа што нејзе „ја заменуваат“ претставките, предлозите и жалбите (приговорите) на граѓаните. Со цел унапредување на оваа област исто така сметаме дека најпрво треба да се изврши корекција во називот и тој да гласи: непосредно одлучување на граѓаните, а не учество во одлучувањето (или во остварувањето)! Потоа во Градот Скопје треба да се изврши корекција во потребниот процент на избирачи кои можат да предложат распишување реферерендум и тој процент да се намали од сегашните 20%  на помал процент (на пример доволно е да бидат потребни 10% како што е тоа во Белград).

Ова пред се од причина што не се работи директно за донесување на одлука, туку само за предлог за распишување, а референдумот на локално ниво е далеку позначаен за граѓаните во повеќе за нив блиски области од референдумот на државно ниво, па затоа и прагот треба да биде понизок за да се обезбеди повеќе непосредно одлучување на граѓаните за важни прашања од локален изнтерес. Важо е да напоменеме дека оваа област можеби е најзначајна за локалната самоуправа, а особено за граѓаните, па затоа треба да се посвети особено внимание на нејзиното спроведување во практика.

продолжува….

Автор: М-р Мирослав Драганов

–ПРАВДИКО–

Следно: Месна самоуправа и заштита на локалната самоуправа во Македонија, Србија и Хрватска

Screenshot_2М-р Мирослав Драганов е магистер по право со положен правосуден испит, со искуство помеѓу другото како демонстратор на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и како приправник и стручен соработник во Адвокатското друштво Поленак – Скопје.

Препорачуваме

Партнери на Правдико